Македонија во претпоследната група за СП 2018
9 јули 2015Составот на европските квалификациони групи за светското првенство во фудбал во Русија 2018 ќе се одреди на 25 јули годинава во Санкт Петербург. Извлекувањето ќе се врши од пет „шешири“ секој со по 9 тимови и еден со 7. ФИФА денеска ја објави најновата светска ранг-листа, врз основа на која е направен составот на „шеширите“. Репрезентацијата на Македонија, како 105-пласирана на таа листа, се наоѓа во петтиот, претпоследен „шешир“ заедно со слелекциите на Кипар, Летонија, Ерменија, Финска, Белорусија, Азербејџан, Литванија и Молдавија.
Во последниот „шешир“ се седумте фудбалски најслабо рангирани земји: Казахстан, Луксембург, Лихтенштајн, Грузија, Малта, Сан Марино и Андора.
Првиот „шешир“ со најсилни тимови го сочинуват Германија, Белгија, Холандија, Португалија, Романија, Англија, Велс, Шпанија и Хрватска.
Од другите земји од Балканот, во вториот „шешир“ е Босна и Херцеговина, во третиот Албанија, Србија и Грција, а во четвртиот Турција, Словенија, Бугарија и Црна Гора.
Занимливо е дека Исланд (23. на светската ранги-листа) е во вториот, а Фарските острови (74) во четвртиот „шешир“.
Квалификациите ќе започнат во септември 2016 година и ќе се играат до ноември 2017. Покрај домаќинот Русија, на светското првенство ќе учествуваат уште 13 селекции од Европа, кои ќе бидат најуспешни во квалификациите.