1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган во фронтален напад

Томас Зајберт / Елизабета М. Фиданоска9 јануари 2014

Турскиот премиер Ердоган, по избивањето на корупциската афера, ги посочи виновниците-движењето на исламскиот свештеник Фетхулах Ѓулен. Во акцијата против Ѓулен, Ердоган дури се приближува до своите поранешни противници.

https://p.dw.com/p/1Anee
Фотографија: Reuters

Хусеин Ѓулерче претпостави што ќе се случува. „На повидок е голема бура“, рече 63-годишниот новинар во весникот „Заман“ пред неколку дена. Ѓулерче, кој исто како и весникот „Заман“ е дел од движењето Ѓулен, е во право. За само неколку дена владата на Ердоган отпушти повеќе стотици полицајци под сомневање дека се приврзаници на Ѓулен и на нивно место постави свои верни луѓе. Во меѓувреме нема службеник кој имал некакво учество во апсењата на осомничени во рамки на корупциската афера, а кој се‘ уште е на своето старо работно место.

Движењето Ѓулен се вбројува во највлијателните исламски движења во Турција. Тоа е предводено од исламскиот свештеник Фетхулах Ѓулен. Во Турција движењето има голема привлечна сила, но истовремено е и предмет на критика. Критичарите обвинуваат дека движењето со своите приватни училишта во 140 земји има прикриена исламистичка агенда.

Со оглед на тоа што постоеја претпоставки дека луѓе на движењето се распространети во полицијата и судството за да дејствуваат одвнатре, владата презеде мерки. Ердоган и неговите приврзаници зборуваат за „паралелни структури“ во државниот апарат кои имале за цел да ја соборат владата. Затоа ваквите структури, како што се вели, треба да се уништат со масовни преместувања и отпуштања. Погодено е и судството. Двајца водечки обвинители во корупцискиот скандал во меѓувреме се повлечени од случајот. Против едниот од нив, Зекерија Оз, се води дисциплинска постапка. Оз, кој исто така е приврзаник на Ѓулен, и покрај тоа што имал сознанија за корупциската афера, наводно чекал половина година пред да преземе мерки и да побара апсење на осомничените.

Движењето Ѓулен со години ја поддржуваше исламско-конзервативната влада, особено во нејзините напори да се намали политичкото влијание на армијата. Но, од пред извесно време, меѓу сојузниците шкрипи наголемо. Висок претставник на движењето Ѓулен за Дојче веле изјави дека приврзаниците на движењето Ѓулен, или како што ги нарекуваат „Ѓуленчис“, ги критикувале уште во текот на летото реакциите на владата на протестите во паркот Гези. Полициските акции против демонстрантите, велат во движењето Ѓулен, се знак за „недемократски однос“ кон критиките од општеството. Се нагласува и дека Ердоган владее се‘ поавторитарно.

Konflikt Fethullah Gülen / Erdogan
Движењето Ѓулен со години ја поддржуваше исламско-конзервативната влада - на фотографијата Ѓулен и ЕрдоганФотографија: picture-alliance/dpa/AP

Бурата штотуку почна

Премиерот не се возбудува од ваквата критика. Тој сака да победи на локалните избори во март и на претседателските налето со тоа што околу себе ќе го собере конзервативниот камп и јасно ќе се оддели од останатите групи. Тоа е спротивно на дијалогот што го бара Ѓулен. За Ердоган, Ѓулен стана противник против кој треба да се бори. Ова е само почеток на бурата што ја очекува Ѓулерче.

Во меѓувреме, владата ги смета приврзаниците на движењето Ѓулен за државни непријатели, кои се наводно одговорни за аномалиите во општеството во текот на изминатите години. Една од тие аномалии, според владата на Ердоган, е и серијата пресуди против стотици екс генерали кои беа обвинети за обиди за пуч против Ердоган.

Еден советник на Ердоган неодамна рече дека е можно обвинителите кои се приврзаници на Ѓулен да издејствувале пресуди против генералите на незаконски начин. Еден од тие обвинители е и Зекерија Оз. Во моментов владата бара начини за повторување на судските постапки против генералите. Логиката што се крие зад тоа се обидува да ја формулира поранешниот европски судија, а денес пратеник на опозиционата Републиканска народна партија (ЦХП), Риза Турмен: владата сака да остави впечаток дека судските процеси против генералите се „масло“ на движењето Ѓулен. Со тоа и актуелната корупциска афера би можела да се претстави како манипулација на приврзаниците на ова движење.

Истовремено, Ердоган има намера посилно да го надзира судството, тврди опозицијата. Првиот предлог закон во таа насока треба да стигне во парламентот уште во текот на оваа недела. Ердоган е многу далеку од тоа да преземе политичка одговорност за корупцијата во неговото опкружување, вели политичарот на ЦХП Угур Бајрактутан за ДВ. „Во една западна земја премиерот би поднесол веднаш оставка.“