Френсис Бојл: БиХ со „век на траење од 15 години“
11 август 2012Френсис Бојл, професорот по меѓународно право на Универзитетот во Илиноис и поранешен агент на БиХ пред Меѓународниот суд на правда, изјави во интервју за агенцијата Анадолија дека Дејтонскиот договор „создаде земја која е нефунционална и која самата ќе се сруши“.
„Во Дејтон Американците, со согласност на останатите големи сили, скроија држава со век на траење од 15 години. Луѓето од Пентагон ми рекоа дека, според планот на Ричард Холбрук, ќе се случи забавено, но конечно делење на Босна и Херцеговина. Американците седат од страна и гледаат како БиХ се распаѓа“, рече Бојл во интервјуто за Анадолија.
„Туѓман и Милошевиќ договорија се’ во (селото, н.з.) Караѓорѓево, а Холбрук во Дејтон им рече дека малку ќе потрае додека да биде спроведен нивниот договор“, појасни американскиот борец за човекови права. Тој исто така заклучи дека „Босна и Херцеговина е занемарена во однос на другите земји од регионот, бидејќи мнозинството од нејзиното население го сочинуваат муслиманите“.
БиХ има перспектива во НАТО и ЕУ
На ваквите тврдења на Френсис Бојл реагираа од канцеларијата на високиот претставник на ЕУ и од американската амбасада во Сараево.
„Босна и Херцеговина е единствена, мултиетничка и суверена држава, која има јасна перспектива за членство во НАТО и ЕУ и тоа нема да се менува“, рече Елдар Субашиќ, портпаролот во канцеларијата на високиот претставник на ЕУ.
„Со должно почитување на Френсис Бојл, кој има право на мислење, меѓународната заедница е цврсто приврзана за БиХ и Дејтонскиот мировен договор“, изјави Субашиќ.
Од амбасадата на САД во Сараево е соопштено дека „територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ се потврдени и гарантирани со Дејтонскиот договор“, како и дека американскиот став за ова прашање е „познат и непроменет“. Исто така, се наведува и дека САД ја поддржуваат мултиетничката и демократска БиХ, која ќе биде членка на НАТО и ЕУ.