1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција најавува пресметка со радикалниот исламизам

Андреас Нол
4 декември 2020

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин најави „масивна и досега невидена акција против сеператизмот.“ Би требало да се изврши контрола на преку 700 џамии, а по потреба, некои од нив ќе бидат затворени.

https://p.dw.com/p/3mDmB
Frankreich Sicherheitsmaßnahmen Polizist Moschee
Фотографија: REUTERS/Youssef Boudlal

Секогаш кога во Франција се дискутира за тоа каква опасност се заканува од т.н. „политички ислам", многу брзо темата преминува на „исламски сеператизам". Тој поим на почетокот од оваа година го креираше политикологот Бернар Ружие. Во својот бестселер „Територија освоена од страна на исламизмот" тој ги опиша пропагандите на исламистичките имами, ги идентификуваше градските квартови во цела Франција кои се контролирани од исламисти.

Уште пролетоска францускиот претседател Емануел Макрон борбата против радикалната идеологија ја сврсти во своите приоритети. На почетокот на октомври токму тој предизвик беше во фокусот на неговиот истакнат говор за состојбата на нацијата:„Не можеме да побегнеме од заклучокот дека во Франција постои радикален ислам", рече Макрон. Тоа е ислам кој го банализира насилството, кој ги поткопува вредностите на Републиката, прецизираше Макрон. И дополни самокритично: „Ние сами го создадовме нашиот сеператизам. Нашата Република дозволи гетоизација, создавање густо населени подрачја во кои владее беда."

„Закон против сеператизмот"

За да се коригира овој развој, претседатеот има намера да ги затвори радикалните школи за Коранот, во иднина имамите треба да се образуваат во Франција, а финансирањето на исламски здруженија и џамии во иднина ќе биде поинтензивно законски регулирано, посебно финансиската поддршка од странство. Претседателот ѝ наложил на својата влада да подготви „закон против сеператизмот".

Frankreich Nizza | Messerattacke | Präsident Emmanuel Macron
Францускиот претседател Макрон по нападот со нож во Ница, кога исламист уби три лица Фотографија: Gaillard Eric/abaca/picture alliance

Работата на законот чија цел е борба и против говорот на омраза на интернет, токму се приведува кон крај. Тој ќе биде тема на идниот министерски совет в среда. Со законот меѓу другото се планира на родителите да им се забрани одјавување на децата од државни училишта за да ги подучуваат дома, што досега беше вообичаена пракса во некои муслимански квартови во Франција.

Борба против радикалните проповедници

Паралелно со изработката на новиот закон, владата во Париз сака да демонстрира и делотворност во борбата против радикалната идеологија. Откако еден исламист го обезглави професорот Самуел Пати на 16 октомври годинава, притисокот врз власта дополнително порасна. Шефот на МВР Жералд Дарманин деновиве преку Твитер најави сеопфатна контрола на џамиите: постои сомнеж дека 76 џамии и други верски објекти поттикнуваат сепаратизам, напиша министерот. Во радио интервју Дарманин најави почетокот на истрагата за вчера (3.12.2020). На крајот на големиот претрес може да се случи некои џамии и верски објекти да бидат затворени. 

Сомнителни џамии

Станува збор за 76 објекти, а во Франција моментно постојат преку 2600 џамии и верски објекти, со што е јасно дека вниманието на државата се фокусира на мала група верски објекти. Тие се распрснати низ целата земја, во регионот околу Париз, како што покажува еден извештај на истрагата, од кој цитира весникот „Фигаро", на листата има 16 објекти.

Повеќе на темата:

Тешката борба на Франција против исламизмот

Батаклан: сеќавање на кошмарот

Атентаторот од Ница не се наоѓа на листите на осомничени терористи

Франција во шок: Што може да се стори против паралелните општества?

Меѓу тие 76 џамии и верски објекти властите идентификувале 18 локации кои на истражителите им се посебно сомнителни. Во извештајот се споменува една џамија која ја игнорирала одредбата за затворање издадена од надлежен градоначалник. Една друга џамија официјално била затворена, но работи и натаму илегално. Во неколку џамии, се тврди, проповедаат имами осомничени за тероризам, односно имами кои се под надзор на тајните служби.

Традиција на верски слободи

Во француската историја никогаш не била забележана слична кампања на надзор над џамии од страна на световните власти, државата во Франција традиционално не се меша во религиски прашања.

Frankreich Polizei vor der großen Moschee von Paris
Џамиите во Франција во иднина засилено ќе бидат контролираниФотографија: Ait Adjedjou Karim/Avenir Pictures/picture alliance

Актуелната влада додуша не го доведува во прашање принципот на лаицистичка држава, но очигледно има сериозна намера поинтензивно да ја контролира работата на верските заедници отоколку досега. Но, исто како и во други земји, во таа намера се соочува со отежнувачкиот факт што муслиманите се организирани преку здруженија со кои не се управува централистички.

Претседателот Макрон од главното здружение на исламски друштва, Верскиот совет на француските муслимани, побара до 7 декември да потпише „Повелба за вредностите на Републиката". Таа Повелба би требало да биде некој вид водич за работата на имамите. Нивното образование во иднина треба да го гарантира и надгледува Совет на имами. Судејќи според сѐ, тој мора да биде впишан во регистар, а државата би имала пристап до сите податоци. Досега во Франција немаше поголеми ограничувања во поглед на ангажирањето имами, џамиите можеа лесно да повикаат проповедници од странство, а тие и беа плаќани од странство.