Франкфурт сака да профитира од Брегзит
23 јуни 2017По изборите во Велика Британија, сѐ уште не е јасно дали ќе има „тврд“ или „мек“ Брегзит. Во секој случај, Франкфурт веќе се подготвува за излегувањето на Британците од Европската Унија, а времето му оди во прилог. Со оглед на тоа дека разни финансиски институции мора наскоро да донесат одлука дали ќе останат во градот на реката Темза или ќе се селат во еврозоната, добри се изгледите дел од нив да го изберат градот на Мајна.
Три одлуки би му оделе во прилог на градот: Прво, ако финансиските трансакции со евра, таканаречениот „еуроклиринг“, се преселат од Темза во Франкфурт; второ, ако Европскиот надзорен банкарски орган, ЕБА, со седиште во Лондон, се пресели во Франкфурт, и трето, ако повеќе странски банки ги преселат своите европски централи на Мајна.
Камен на сопнување „Еуроклиринг“
„Еуроклиринг е клучното прашање", смета Хубертус Вет, раководител на Лоби-асоцијацијата Франкфурт Мајн Фајненс, во која се вклучени покраината Хесен, градот Франкфурт, банките, Германската берза, научници и претставници на услужни дејности. Во овие клириншки куќи дневно се одвиваат трговски трансакции во висина од речиси половина милијарда евра. Со ваквите хартии од вредност банките можат да се заштитат од флуктуации на валутите или каматните стапки. Но, извозно ориентираните компании ги користат дериватите како заштита од флуктуации на финансиските пазари.
Важноста на овие бизниси во меѓувреме го препознаа и политичарите, кои долго време беа воздржани во врска со барањата на јавноста. Притоа се работи за прашањето каде да се смести надзорот на сите бизниси во еврозоната. Лондон се бореше пред Европскиот суд на правдата дека еуроклиринг треба да биде сместен во ЕУ, но не мора да биде во еврозоната. Пред сѐ станува збор за правото на интервенција на надзорните власти. Со последната финансиска криза се покажа дека преку инструментот клиринг на деривати може да се насетат ризиците за финансискиот систем. „Бизнисот има централно значење за стабилноста на финансискиот пазар“, објаснува Вет.
Според Михаел Мајстер, парламентарен државен секретар во германското Министерство за финансии, еуроклирингот треба да се шповлече од Лондон. Зашто, дури и ако Британците целосно би го признале европското право и Европскиот суд, прашањето на надзорот на овие бизниси не би било расчистено: ризиците кои би настанале за континентална Европа би морало да може да се контролираат од ЕУ.
ЕУ минатата недела обелодени јасни предлози. Европската комисија треба да добие овластување дел од бизнисите со хартии од вредност во евра, тежок стотици милијарди, да го повлече од британскиот главен град. Без посебен договор меѓу ЕУ и Лондон, на британските клиринг компании ќе им биде одземена лиценцата за ЕУ клиринг, по планираниот излез на земјата од ЕУ во 2019-та година.
Илјадници работни места доведени под прашање
Клириншките куќи не се само важни за функционирањето на системот, туку се и многу профитабилни, па голема е веројатноста Британија да пружа отпор. „Но, ако треба бизнисот да се пренесе во еврозоната, тогаш Франкфурт има добра стартна позиција да биде избран за ново седиште", смета Хубертус Ват од Франкфурт Мајн Фајненс, бидејќи таму со Еурекс клиринг веќе има соодветна институција која располага со релевантна технологија и поседува лиценци. Од преместување на седиштето ќе произлезат „илјадници работни места“, смета Вет.
Големи се шансите Франкфурт да биде одбран и за релокацијата на Банкарскиот надзорен орган, ЕБА. Кон крајот на мај, германската канцеларка Ангела Меркел ги потврди аспирациите оваа институција во која работат 189 лица, да се пресели во Германија. За селење во Франкфурт во прилог оди и фактот што таму се наоѓа и Европската централна банка. Сѐ уште се размислува и за опцијата двете институции со надзорни функции да се спојат. ЕБА е надлежна за регулативата, а ЕЦБ за директен надзор.
Шансите не се лоши, бидејќи критериумите за избор, според кој на Европската унија ќе одреди нова локација, му даваат на Франкфурт добра стартна позиција. На пример, лесна пристапност - Франкфурт го има најголемиот аеродром на континетот, а градот ги има и потребните недвижнини. 300.000 квадратни метри канцелариски простор се во план, во следните пет години ќе се градат 20 нови висококатници, а шест ќе бидат готови веќе од 2020-та година", вели Хубертус Вет.
Добри предуслови
Градот ќе понуди и доволно станбен простор, со оглед на фактот дека очекува годишен пораст на населението од 15.000 до 20.000 луѓе. Во меѓувреме некои банки веќе се решија европските централи да ги преселат на Мајна. На странските банки им е потребен таканаречен ЕУ-пас, за да може да работат во ЕУ. Ако ја добиле лиценцата во Велика Британија, по Брегзит веќе нема да може да работат во ниту една ЕУ-земја.
Поради тоа многу банки се решија да се преселат во Франкфурт, иако и Даблин, Париз и Амстердам беа во игра. До сега е извесно дека американските банки ЏП Морган и Голдман Сакс ќе се стационираат на Мајна, исто како и Силикон Валеј Банката која се реши за финансиската метропола на Мајна. И руската ВТБ банка ќе се смести таму, како и кореанската Воори Банка која досега не беше активна во Европа. Во Франкфурт доаѓа и британската Стандард Чартерд.