1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

По торнадата, во Кентаки се надеваат на чудо

ЖА / агенции
13 декември 2021

Серијата торнада во САД оставија пустош зад себе, посебно во сојузната држава Кентаки. Уште не е познат бројот на жртви. Гувернерот се моли да не се остварат најлошите стравувања.

https://p.dw.com/p/44Awo
USA -Zerstörung nach Tornado
Фотографија: John Amis/AFP/Getty Images

„Уште се надеваме на чудо, да пронајдеме уште преживеани и бројот на загинати да биде помал од очекуваниот“, изјави гувернерот на американската сојузна држава Кентаки, Енди Бешир, по посетата на најпогоденото место од торнадата, Мејфилд. Се смета дека има десетици жртви само во Кентаки, точниот број на загинати, повредени и исчезнати не е дефинитивен.

Ноќта кон саботата силно торнадо речиси срамни со земјата фабрика за свеќи во Мејфилд, каде во пресрет на Божик се работело со засилено темпо и преку ноќ. Во неа веројатно загинале повеќе луѓе отколку што првично се претпоставуваше.

Првичните прогнози на Бишер беа дека само во Кентаки има до сто загинати, сега се надева дека тие нема да се потврдат: „Најдобро на што можеме да се надеваме е дека има 50 смртно настрадани“.

Бешир вели дека во Кентаки постојат места кои буквално веќе ги нема, се срамнети со земја од невремето, а огромните штети ги отежнуваат напорите на спасувачките екипи.

Додека помагачите пребаруваат стотици објекти во потрага по преживеани, многу од оние кои ја избегнале катастрофата се без покрив над главата, без вода и струја.

Од серијата торнада се погодени и сојузните држави Арканзас, Илиноис, Мисури, Мисисипи и Тенеси.

Американскиот претседател Џо Бајден вети помош на настраданите, истакнувајќи дека очекува службите за заштита на животната средина на испитаат колкава е улогата на климатските промени во најновата серија торнада.