Бела блокада на Вашингтон
4 јануари 2022Зимска бура донесе обилни врнежи од снег, проследени со силни ветрови во поголемиот дел од источниот брег и југоисточниот и централниот дел на САД, што ги принуди федералните служби и училиштата во главниот град Вашингтон да ја прекинат работата, и предизвика одложување на бројни летови и прекин на снабдувањето со електричната енергија за илјадници домаќинства во сојузната држава Вирџинија.
Националната метеоролошка служба објави 12 до 25 сантиметри снег и ветрови до 64 километри на час за време на првата снежна бура во тој дел на Америка оваа зима.
Службата извести дека во главниот град Вашингтон паднале 21,59 сантиметри снег, во Источен Тенеси 22,86 сантиметри, во Вирџинија 37 сантиметри и во Мериленд 39,37 сантиметри.
„Кога зборуваме за високо населените области, зголемениот снег станува проблем“, изјави Остин Менсфилд, метеоролог во Националната служба.
Предупредување за снежна бура е издадено во сите држави на источниот брег од Јужна и Северна Каролина до Њу Џерси.