1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фотографија која го потресе светот

Б. Георгиевски/ап/афп3 септември 2015

Фотографијата на безживотното тело на тригодишниот Ајлан Курди на плажа во Турција предизвика вознемиреност и ужас ширум светот и стана потресно сведоштво и симбол за ужасот на бегалската криза.

https://p.dw.com/p/1GQUC
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/DHA

Фотографиите на тригодишното дете во црвена маичка и сини шорцеви молневито се рашири низ социјалните мрежи, и се најде на насловните страници на денешните изданија на медиумите. Многумина се прашуваат дали Европа конечно ќе стори нешто повеќе за да им помогне на бегалците?

„Доколку овие извонредно моќни слики од мртво сириско детенце исфрлено на плажа не го променат односот на Европа кон бегалците, тогаш што?“, се прашува британскиот Индипендент.

Член на турската спасувачка служба го извлече телото на тригодишниот Ајлан Курди, кој беше меѓу 12 загинати Сиријци откако нивниот чамец се преврте во водите на Егејот на пат меѓу Турција и Грција кон островот Кос. Фотографијата беше масовно споделувана на социјалните мрежи под хаштаговите "KiyiyaVuranInsanlik" и "Humanity Washed Ashore".

Türkei Syrische Flüchtlinge vor Bodrum ertrunken
Фотографија: Imago/Xinhua

Според последните информации, меѓу жртвите биле и мајката и братот на тригодишниот Ајлан. Бегајќи од сирискиот град Кобане каде беснее војна меѓу курдските борци и припадниците на „Исламската држава“, се спасил само таткото Абдула. Семејството претходно поднело барање за азил во Канада за кој гарантирала тетката на децата и сестра на нивниот татко, Тема Курди, која живее во таа земја. Канадските имиграциски власти го одбиле барањето, тврди канадски адвокат.

Во средата, Советот за безбедност на ОН најави предлог-резолуција која ќе им овозможи на европските земји подобро да се справуваат со кризата, овозможувајќи им на поморските сили на ЕУ да им ги одземаат бродовите на трговците со луѓе во меѓународни води.

Франција, Италија и Германија бараат нов договор за европските правила за азил со што ќе се овозможи „фер дистрибуција“ на бегалците. Во Британија, каде владата на Дејвид Камерон одбива да прифати поголем број бегалци согласно бројот на нејзиното население, илјадници граѓани со петиција бараат да им се отворат вратите на бегалците.