1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолксваген за поплиток џеб

Ненад Крајцер/ Ж.Ацеска13 октомври 2012

Фолксваген планира производство на автомобил во нискобуџетниот сектор. Со тоа концернот сака дел од колачот во Европа кој моментно му припаѓа на конкурентот Рено и неговата поевтина марка Дачиа.

https://p.dw.com/p/16PWZ
Фотографија: AP

Најголемиот европски автомобилски концерн конечно планира почеток на производство на автомибил кој во целост би одговарал на името на оваа фирма.

„Народниот автомобил“ според пишувањето на „Ауто Билд“ би требало да чини меѓу шест и осум илјади евра и со тоа да го нападне сегментот во кој моментно со голем успех се шири конкурентот на Фолксваген, Рено, со својата нискобуџетна марка Дачиа. Новиот поповолен модел од концернот Фолксваген би требало да се појави на пазарот до 2015-та година. Во централата во Волфсбург не ги демантираат извештаите во медиумите, туку велат дека Фолксваген отсекогаш е во потрага по нови и интересни сегменти.

Борба за Европа

Воведувањето на нискобуџетната марка, според мислењето на експертите, би бил логичен потег на управата на Волфсбург. Овој сегмент имено е последниот во мозаикот на понудата на концернот, која моментно брои 12 различни марки, од Шкода до Бугати. Во склопот на Фолксваген навистина со години се наоѓаат марки како Сеат и Шкода. Но, автомобилите од шпанската и чешката марка, иако се нешто поповолни од автомобилите од Волфсбург, ни покрај најдобрата волја не можат да се сврстат во категоријата нискобуџетни.

Она што му е потребно на Фолксваген е посебна марка со палета автомобили од лимузина до комби и мини моноволумен за навистина плиток џеб. Во овој сегмент со агресивна реклама и широка понуда во Германија вплови Рено со својата Дачиа. Иако пред десетина години, откако Рено ја купи ослабената романска автомобилска марка, никој не веруваваше во можноста автомобил од типот „меид ин Романиа“ да се продава во Германија, тоа во меѓувреме се промени. Според германските медиуми, Рено сфати дека во Германија постојат доволно купувачи за кои автомобилот не претставува статусен симбол, туку им е потребно евтино возило кое сигурно ќе ги превезе од едно на друго место. На таа карта играше и рекламната кампања на Дачиа и тоа очигледно успешно. Фолксваген, како што пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, тој дел од пазарот не би смеел толку лесно да му се препушти на Рено и неговата Дачиа.

VW-City-Flitzer Up kommt im Dezember
Фолксваген апФотографија: picture-alliance/dpa

Навистина евтина варијанта

Според печатот, купувачите на новата марка на Фолксваген би требало да се задоволат со поскромна опрема како и со нешто постари модели мотори, кои меѓутоа сепак ги исполнуваат европските еколошки стандарди. Кај опремата би се штедело на „луксузот“ како странични ербегови или клима.

Претседателот на Работничкиот совет на Фолксваген Бернд Остерлох исто така не ги потврди, но не ги ни демантираше извештаите во медиумите: „За пазарот во Азија ни треба автомобил кој според цената би се наоѓа под сегашниот најмал модел, Фолксваген ап“. 

Но, очигледно дека Фолксваген нема да се концентрира само на земјите со послаба платежна моќ, туку и на Европа која во тој сегмент досега им беше препуштена на другите. Досегашните обиди за влез на азиските пазари преку соработката со Сузуки неславно пропаднаа. Можеби со новата марка Фолксваген навистина ќе успее да понуди „народен автомобил“.