Флертување со помош на Фејсбук
2 мај 2018За да ја користат функцијата за флертување, членовите на Фејсбук ќе мора да направат посебни профили кои ќе бидат видливи само за оние кои исто така се заинтересирани за флерт, најави основачот на Фејсбук, Марк Закерберг. Фејсбук сака да го надгради она што на социјалната мрежа веќе и онака постои - запознавање и договарање состаноци.
Дали со новата функција мрежата сака всушност да стигне до многу податоци за членовите, со цел да им дава предлози за соодветен партнер? Тоа шефот на Фејсбук не го кажа. Досега е само познато дека профилот за флерт не би требало да биде видлив за Фејсбук-пријателите на корисникот. Тие, исто така, нема да можат да бидат предложени како потенцијални партнери. Комуникацијата меѓу две лица би требало да се одвива преку нова чет-форма.
Инвеститорите очигледно веруваат дека Фејсбук може да предизвика промени на пазарот на онлајн-флертување и посредување партнери, затоа што акциите на Меч Груп, која е мајка фирма на апликацијата за флертување Тиндер, по најавата на Закерберг загуби повеќе од една петтина од својата вредност.
Шефот на Фејсбук особено потенцираше дека во развојот на новата функција за флертување ќе се внимава на тајност на податоците. По најновиот скандал со податоци, тоа на Закерберг веројатно му е особено важно. Скандалот околу протекување информаци за корисници на фирмата за анализа Кембриџ Аналитика, играше централна улога при настапот на Закерберг на состанокот на програмерите на Фејсбук. Социјалната мрежа од откривањето на скандалот е под огромен притисок за ја подобри заштитата на податоците.
Повеќе:
- Извинувањето на Закерберг не е доволно
- Скандалот со Фејсбук поголем отколку што се мислеше
Закерберг најави и дека Фејсбук ќе им го олесни на корисниците бришењето на некои собрани информации, како листата на посетени веб-страници или кликнати линкови. Тој функцијата „Clear History“ ја спореди со отстранување слични информации на веб-браузерите.
Основачот на Фејсбук претстави и неколку други новини, како видеочет-функција за Инстаграм и вграден преведувач за Фејсбук Месинџер, а даде и сигнал за старт на продажбата на ВР-очила Окулус Гоу, кои треба да се продават по цена од 219 евра.