Фленсбург не се плаши од „зовриениот котел“ во Скопје
26 април 2014Предноста на Фленсбург од првиот меѓусебен дуел со Вардар е минимална, но вербата во пласман на „фајнл фор“ турнирот во Келн е голема. Менаџерот Дирк Шмешке изјави: „Во сабота одиме во Македонија, победуваме и се пласираме во полуфиналето.“ Шмешке соопшти и дека Фленсбург се откажал од поднесување приговор поради резултатот од првата средба против Вардар, кој заврши 24:22. Имено, Германците беа лути што судиите не го признале последниот гол со образложение дека бил даден по истекот на натпреварот.
Тренерот на Фленсбург Љубомир Врањеш пред денешниот натпревар оцени дека „ќе биде многу интересно“, со оглед на тоа што неговиот тим има само два гола предност. Вардарци се надеваат дека со помошта од навивачите ќе успеат да се пласираат на „фајнл фор“ турнирот во Лигата на шампионите што на 31 мај и 1 јуни ќе се игра во Келн.
Вториот македонски претставник во елитното натпреварување, Металург, втора сезона од квалификациите стигнува до четвртфиналето. Извесно е дека Кил ќе оди понатаму, а на македонскиот претставник по десетте голови негатива од првата средба му преостанува да се прикаже во подобро светло на утрешниот реванш во Германија.