1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фич го намали кредитниот рејтинг на Хрватска и на Малта

ЕН/амф/ртр/миа/дпа21 септември 2013

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ ја намали оценката за кредитоспособноста на двете земји-членки на ЕУ поради загрижувачката буџетска состојба во Хрватска и во Малта.

https://p.dw.com/p/19lTS

Меѓународната рејтинг агенција „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Хрватска за еден степен од БББ- на ББ+, со што влезе во шпекулативна категорија односно категорија „ѓубре“.

„Фич“ ја аргументира ваквата одлука со влошувањето на буџетските перспективи на земјата и падот на економијата. Агенцијата оваа година очекува пад на хрватската економија за 0,9 проценти, наспроти претходно предвидениот раст од 0,3 насто.

„Фич“ сега очекува државниот долг на Хрватска да се зголеми до 66 отсто од брутодомашниот производ (БДП) во 2016 година, наспроти досегашните прогонзи на агенцијата од 62 проценти.

Хрватската економија, која во голем дел зависи од туризмот, се наоѓа во рецесија или стагнација веќе четири години. Таа забележа пад од уште 0,7 насто во вториот квартал на 2013 година. Аналитичарите предвидуваат за оваа година пад на БДП за 0,4 проценти. Долгорочните изгледи за хрватскиот бонитет, според „Фич“, меѓутоа се стабилни.

Другата голема меѓународна агенција за оценка на кредитниот рејтинг „Стандард и Пурс“ на 2 август најави дека планира во 2014 година да го намали кредитниот рејтинг на Хрватска (кој во моментов е ББ+) поради влошување на економските показатели.

Инаку агенцијата „Фич“ вчера (20.09) исто така за еден степен ја намали оценката за кредитниот рејтинг и на Малта, од А+ на А.