1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФИФА со „ослободителна пресуда“ за Катар и Русија

Ј. Вебер /дпа / Е.М. Фиданоска13 ноември 2014

Русија и Катар се ослободени од обвинувањата за корупција при доделувањето на СП во 2018 и 2022 година. Етичкиот совет на ФИФА денеска (13.11) го обелодени својот став.

https://p.dw.com/p/1DmFO
Фотографија: picture-alliance/abaca

Нема санкции за Русија и Катар, ниту за членовите на Извршниот комитет на ФИФА кои учествуваа во гласањето при доделувањето на СП во фудбал на овие две земји. Етичките судии на ФИФА денеска на 42 страници го објавија својот став по ова прашање. Судиите, под раководна палка на Германецот Ханс-Јоахим Екерт притоа кај сите девет земји кандидати за домаќини на СП во 2018 и 2022 година имаат констатирано конкретни прекршоци и сомнителни моменти, но ниту еден престап не е толку голем за да биде клучен при доделувањето на СП на Русија и Катар.

Единствено кај двојната кандидатура на Холандија и Белгија не е констатиран никаков прекршок, оценува Екерт. Претседателот на ФИФА Сеп Блатер е исто така ослободен од секакво сомневање за поткупливост или нерегуларно влијаење врз одлуките.

Joseph Sepp Blatter
Сеп Блатер е ослободен од секакви обвинувањаФотографија: picture alliance/Sven Simon

Екерт не исклучува натамошни истраги против одделни лица. Покрај тоа, Етичкиот совет на ФИФА предлага каталог со препорака за структурни реформи, меѓу кои е и барањето за временско ограничување на мандатите на функционерите на ФИФА, предлог кој беше отфрлен на конгресот на ФИФА што се одржа во јуни годинава.

Домаќините на првенствата во 2018 и 2022 година, Русија и Катар, беа под сомневање дека ги добиле СП со недозволени средства. Предмет на истрагата што ја водеше американскиот иследник Мајкл Гарсија беше и улогата на 24-цата членови на Извршниот комитет на ФИФА, кои во декември 2010 година ги донесоа спорните одлуки. Освен тоа, беше истражено и постапувањето на другите земји конкуренти.

Етичката комисија на ФИФА се активираше откако обвинувањата за корупција станаа гласни и не запираа. Во меѓувреме дури не се исклучуваше и опцијата за нов избор на земји домаќини за двете СП. Главниот иследник на ФИФА Гарсија постојано временски ја продолжуваше истрагата. На крајот, во септември, на Етичкиот совет со кој раководи Екерт му беше поднесен извештај од 350 страници. Потоа се разгоре дебата околу тоа дали извештајот треба да биде објавен или не. ФИФА, повикувајќи се на Етичкиот кодекс, тоа го одби.