1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФИФА смири се!

Астрид Пранге / превод: ЕМФ12 јуни 2014

Светско првенство не е државен акт, а ФИФА не е законодавец. Таа мора да запре со своите комерцијални рекорди и СП повторно да го направи она што некогаш беше - спортски настан, оценува Астрид Пранге.

https://p.dw.com/p/1CH3N
Фотографија: DW/P. Henriksen

Конечно! Конечно почнува светското фудбалско првенство. Кога топката ќе се затркала, ќе бидат заборавени сите грижи околу организацијата на спортскиот спектакл во Бразил, се надеваат фановите. Ќе се бројат само голови, а националната гордост ќе расте заедно со победите на репрезентациите.

Ваквата надеж ќе се оствари само делумно. Зашто ова СП го промени Бразил уште пред првиот свиреж на судијата. И тоа ќе ја промени и ФИФА. Зашто, подготвеноста на светот за организација на светско фудбалско првенство по урнекот на ФИФА, по масовните протести - опадна. Токму во јужноамериканската земја во забрзан подем моделот на ФИФА дојде на своите граници и добро е што е така.

Бразил ја стави под знак прашалник бизнис-основата на светскиот фудбал. Голем дел од околу 200 милиони граѓани се прашуваа: Како е можно поради СП во фудбал на одредено време да бидат ставени вон сила Уставот и националните закони? Како е можно со еден набрзина донесен специјален закон за СП да се укинува забраната за алкохол на бразилските стадиони која важеше досега? Како е можно за спонзорите и фудбалските функционери да важат други закони од оние што важат за домашното население? И како е можно една спортска асоцијација со своите деловни партнери да склучува договори кои се на товар на останатите и кои ја ограничуваат слободата за движење на милиони луѓе?

Бразилците ги поставија овие прашања. Пораката стигна до бразилската влада. Претседателката Дилма Русеф е неуморна во повторувањето дека јавните издатоци за образование и здравство и покрај, или токму поради СП, се зголемени.

И кај дел од членките на ФИФА, а особено на УЕФА, провејува согледувањето дека мега-издатоците за мега-настанот политички можат се‘ потешко да се протуркаат. А особено не, ако добивките и загубите се распоредени нерамномерно, како што беше случајот со ФИФА-СП во Јужноафриканската Република, или како сега во Бразил.

Едно светско првенство не е самит на шефови на држави и не е меѓународна мировна мисија на ОН. ФИФА мора да стави крај на својот комерцијален и политички лет во височините и да се врати на почвата на фактите. ФИФА мора да се врати на својата првична задача и просто и едноставно да организира светски фудбалски турнир секои четири години. За фудбалот да биде презентиран на светско ниво, на стадионите на СП не им се потребни ВИП-ложи или особено комфорни фотелји за гледачите. Претседателите на ФИФА не се шефови на држави, па согласно со тоа и не им следува третман како на гости државници.

Бразилските граѓани очигледно ги принудија ФИФА и нејзините партнери за соработка да го согледаат тоа. Нивните протести ги разбудија господата од светскиот фудбал од нивниот милијардерски сон. Едно успешно СП во иднина ќе мора да се ориентира според потребите на земјата домаќин, а не барањата на ФИФА. И во потрагата по нови стадиони и градови каде ќе се играат натпреварите ФИФА ќе мора да размисли за промена на својот досегашен начин на работа. Тоа сигурно нема да му наштети на квалитетот на светскиот фудбал. Светското првенство може да почне. Конечно!