1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФИФА размислува за воведување и четврта измена

Александар Методијев/дпа/макфакс3 јули 2014

Со 154 гола досега Светското фудбалско првенство во Бразил е едно од најзабавните на сите времиња. Причина за тоа е комбинацијата од одлични напаѓачи, подобар тренинг и фитнес вежби, но и новите правила воведени од ФИФА.

https://p.dw.com/p/1CUqz
Фотографија: imago/Pressefoto Baumann

Забавната страна на Светското првенство во Бразил ги импресионираше и експертите. „Ова Светско првенство е најдоброто во смисла на квалитетот на фудбалот и забавата“, вели Жерар Улие, поранешен тренер на Ливерпул, кој следел девет светски првенства. „Навистина сум изненаден од квалитетот на играта“, додава Сандеј Олисе, поранешен играч од средниот ред, кој со нигерискиот национален тим у чествуваше на светските купови во 1994 и 1998 година. Двајцата се членови на техничката студиска група на ФИФА.

Со вкупно 154 гола и уште осум натпревари кои треба да се играат, Светското првенство во Бразил веќе го надмина претходниот рекорд – 171 гол, откако на турнирот учествуваат 32 тима, а тоа е така од 1998 година.

Причина за ова е комбинацијата од повеќе фактори, меѓу кои и дополнувањето на правилата, кои имаат за цел да го поттикнат нападот и да ги заштитат фудбалските ѕвезди. Така, играчот добива директно црвен картон ако се обиде да направи фаул врз противнички играч кој има јасен обид за постигнување гол. Друга строга казна воведена од ФИФА е за опасен старт одзади. Дали овој тренд ќе продолжи, или Бразил ќе остане како исклучок? Експертите немаат дилема.

„Гладот за подобрување е огромен. Јас сум многу оптимист дека овој стандард ќе продолжи“, смета Олисе.

А, Меѓународната фудбалска федерација во меѓувреме најави дека ќе ја разгледа можноста за воведување на четврта замена на натпреварите кои ќе се играат на светските првенства. Правилото би се применувало од наредниот Мундијал во Русија, а би важело само во продолженијата. Членот на техничката група на ФИФА Жерар Улие изјави дека се работи за добра идеа, која би требало да се усвои.

„Тоа е добра идеја, која би се применувала само во продолженијата и секако би била корисна во случај кога некој играч би се здобил со повреда“, изјави Улие.

Тој смета дека четвртата измена би им помогнала на фудбалерите, кои во дополнителното време се изложени на големи напори, особено кога се работи за натпревари со висок интензитет. Досегашните правила на ФИФА дозволуваат три измени, во регуларниот дел и во евентуалните продолженија.