1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФИФА дозволи носење турбани и шамии на фудбалски мечеви

Б. Георгиевски/дв/ртр2 март 2014

Светската фудбалска организација ФИФА им дозволи на играчите носење на религиозни покривки на главите. Заострени се правилата за слогани на дресовите, а одбиени се измени во правилото за „тројно казнување“.

https://p.dw.com/p/1BIAe
Фотографија: picture-alliance/dpa

ФИФА соопшти дека ќе им дозволи на играчите да ги прекриваат своите глави во религиозни цели. Генералниот секретар Жером Валке потврди дека таквата одлука ќе важи и за жените кои од религиозни причини сакаат да ги прекријат главите. Правилото ќе важи и за мажите, со што е одобрено барањето на заедницата на Сиките од Канада, иако турбаните кои тие ќе смеат да ги носат нема да бидат исти како во секојдневниот живот.

Сѐ до 2012. година ФИФА целосно го забрануваше носењето на прекривки за глава, оценувајќи дека тие се опасни за главата и вратот на играчите. Во меѓувреме, беше воведен двегодишен тест- период кој се покажа успешен, па правилото е сменето.

И покрај одлуката на ФИФА, одредени фудбалски сојузи најавија дека нема да ја применуваат. Француската федерација соопшти дека водејќи се од секуларните принципи, нема да дозволи употреба на прекривки за глава.

Воведени се и построги правила за играчите кои откриваат слогани или реклами под своите дресови, без разлика дали се работи за пораки со политичка, религиска или маркетиншка содржина. Играчите досега честопати откриваа фрази или пораки под нивните дресови, вклучително и за време на Светските првенства. Во финалето во Јужна Африка во 2010., Шпанецот Андрес Иниеста по постигнувањето на победничкиот гол покажа порака која му беше посветена на негов починат соиграч. Во иднина, и таквите пораки ќе бидат забранети, иако нема да се казнуваат со жолт картон за време на мечот, туку со парични казни и суспензија, по него.

Frauenfußball Irans Frauen Nationalmannschaft spielt gegen Berlin-Kreuzberg
Фотографија: picture-alliance/dpa

ФИФА го одби и барањето да се укине т.н. правило на „тројна казна“, која предвидува пенал, исклучување и суспензија за фудбалер кој ќе направи прекршок во казнениот простор. Критичарите велат дека правилото ја уништува играта, но во ФИФА се убедени дека правилото оневозможува да се прават намерни прекршоци во ситуација кога противникот има чиста шанса за гол.

Одбиено е и барањето на судиите да им се овозможи да користат видео асистенција. Според ФИФА, тоа би ја променило „природата на играта“.