Од 1 јуни без маски, полицискиот час останува
28 мај 2021Животот полека се враќа во нормала. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека од 1 јуни маски веќе нема да се носат на отворено, но полицискиот час од 24 до 4 часот изутрината, којшто е на сила, останува и натаму. Наскоро ќе може да се организираат свадби на отворено, на спортските натпревари ќе се врати публиката, а ќе се укине и забраната за групирање.
„Утрово на Комисијата за заразни болести донесена е одлука до Кризниот штаб да се достави предлог за понатамошно олабавување на рестриктивните мерки. Пандемијата стивнува и од недела во недела се намалува бројот на активни случаи“, информираше Филипче на социјалните мрежи.
-повеќе на темата: Од 1 јуни збогум за маските на отворено?
Комисијата до кризниот штаб ќе ги предложи следните олабавувања:
- Од 1 јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни
- Да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски
- Да се дозволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50% исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6
- Спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30% од капацитетот на стадионот
- Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила
-повеќе на темата: Филипче најавува свадби на отворено и ковид пропусници за патување
Полицискиот час останува на сила. Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување на настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе бидат дозволена и организација на ваков тип настани.
„Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелирам до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките“, вели Филипче.