1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук ја нарушува приватноста

30 септември 2011

Случајот на еден студент од Виена покажа дека социјалната мрежа Фејсбук неовластено собира огромен број податоци за своите корисници. Макс Шрем и неговите колеги студенти одлучија да го тужат Фејсбук.

https://p.dw.com/p/12jXs
Фотографија: picture alliance / dpa

Давид против Голијат- ваква паралела може да се извлече кога ќе ја чуете судбината на виенскиот студент Макс Шремс. Заедно со неговите колеги студенти, тој го тужи Фејсбук во Ирска, каде што се наоѓа европското седиште на компанијата. Тамошните власти за заштита на личните податоци примија 22 тужби од Шремс и од неговите колеги против социјалната мрежа. Причина: 23-годишниот студент дошол до неговите лични податоци, а Фејсбук собрал 1.200 страници во А4 формат само за Макс. За многумина и претходно беше јасно, но сега Макс има и „црно на бело“. Социјалната мрежа ги снима нашите податоци со години, дури и за корисниците кои со сите сили се обидуваат да го избришат својот профил. Затоа младиот студент е лут:

„Ова се работи за кои се прашувате, дали и служби како КГБ или Штази имале толку многу податоци за еден нормален граѓанин. Притоа, во овие податоци можат да се најдат и многу чувствителни информации, не само за самиот корисник, туку и за други корисници“, вели Макс.

Германскиот комесар за заштита на податоците Петер Шар вели дека корисниците мораат да бидат заштитени од вакви случаи.

„Мора да биде јасно дека оние кои собираат податоци од германски корисници, кои тука работат, и притоа заработуваат многу преку рекламирање, дека тие мора да бидат одговорни пред германските закони. Доколку постојат сомнежи, тогаш мора да се вклучат и законодавците“, вели Шар.

Bundesministerin für Verbraucherschutz Ilse Aigner
Илзе АјгнерФотографија: picture alliance/dpa

Ајгнер против Фејсбук

Германската министерка за заштита на потрошувачите, Илзе Ајгнер, неодамна ги предупреди своите колеги министри во владата да го избегнуваат Фејсбук за промоција на нивната работа, токму поради проблемите со заштитата на личните податоци. Таа притоа препорача, т.н. Фејсбук „копче“ да не биде користено на ниту една официјална владина интернет-страница, поради проблемите со безбедноста на податоците.

Според последните научни студии, околу 500 илјади луѓе во Германија се водат како „зависни од интернет“. Меѓу нив, најголем е бројот на оние кои најголем дел од своето време му го посветуваат на социјалното дружење преку Фејсбук.

Автор: БГ/ ард/ афп

Редактор: Александра Трајковска