Фејсбук-скандал: суспендирана уште една фирма
7 април 2018Заговорници на „разводот“ на Велика Британија од ЕУ платиле повеќе милиони фунти на канадската аналитичка фирма Агрегејт ај-кју (Аggregate IQ), соопшти денеска портпарол на концернот Фејсбук. Причина што интернет-гигантот привремено ја суспендира оваа фирма се најновите извештаи за врски помеѓу Агрегејт ај-кју и фирмата-мајка на претпријатието Кембриџ Аналитика, СГЛ.
Повеќе:
Дали Кембриџ Аналитика одиграла клучна улога во Брегзит?
Како да се заштитите на Фејсбук?
Скандалот со Кембриџ Аналитика го чини Фејсбук 40 милијарди долари
Кембриџ Аналитика преку апликација за анкета на нелегален начин дошла до лични информации на милиони корисници на Фејсбук, според проценките, станува збор за дури 87 милиони луѓе, од кои 310.000 во Германија.
Британската фирма Кембриџ Аналитика е позната по тоа што ја работеше кампањата на Доналд Трамп за претседателските избори во 2016 година.
Фејсбук најави во меѓувреме и заострување на правилата за политички реклами, застанувајќи првпат зад законскиот предлог кој социјалните мрежи ги обврзува на јавно објавување на идентитетот на давателот на политички реклами. Потегот доаѓа само неколку дена пред најавеното сослушување на шефот на Фејсбук, Марк Закерберг од страна на конгресмените во САД.
„Вмешувањето во избори е проблем поголем од секоја платформа, од таа причина, го поддржуваме предлог-законот“, изјави Закерберг. Законскиот текст беше подготвен во октомври лани и е насочен кон ограничување на влијанието од странство врз американската политика. Со него пратениците во Конгресот реагираат првенствено на обвинувањата за руско вмешување во американската претседателска кампања во 2016. година.