Фејсбук и Канбера го надминаа спорот
23 февруари 2021Австралиската влада денеска објави дека Фејсбук прифатил да ја укине забраната за споделување на вести на неговата платформа во оваа земја по постигнатиот договор за законот според кој дигиталниот гигант ќе плаќа за информативните содржини.
Министерот за финансии Џош Фрајденберг, и Фејсбук потврдија во одделни соопштенија дека постигнале договор за измена на предложениот закон според кој Фејсбук и Гугл ќе плаќаат за вестите кои се објавуваат на нивните мрежи.
Минатата недела Фејсбук го блокираше пристапот на австралиските корисници и споделувањето на вести кога Претставничкиот дом во Австралија го усвои нацрт законот за плаќање на овие содржини.
Повеќе:
-Зошто Фејсбук ги блокираше медиумските содржини во Австралија?
-Тужба против Фејсбук поради монопол
-Фејсбук им објавува војна на антиваксерите
Горниот дом на австралискиот Сенат треба да го разгледа законот денеска.
„Фејсбук ја информираше владата оти има намера да ги врати австралиските страници со вести во наредните денови“, изјавија австралиските министри за финансии и за комуникација во соопштението.
Австралиското министерство за здравство, пак, вчера соопшти дека веќе нема да објавува реклами преку Фејсбук како одговор на мерките на оваа социјална мрежа која ги блокираше вестите поради протест на владиниот предлог закон. Ова е објавено во момент кога Австралија ја започнува кампањата за вакцинирање против Ковид-19, во чие промовирање владата вложи околу 16,5 милиони евра за да се спротистави на теориите на заговор и на антиваксерите.