1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук- една од последните слободни територии во Македонија?

Сузана Тодоровска-Павлоска5 септември 2013

Што прави пола Македонија на Фејсбук? Во до ќорсокак доведениот и стеснет медиумски простор, интернетот е алтернатива за информирање, изнесување на став, често за политичко- партиски препукувања и многу често- за молчење

https://p.dw.com/p/19cI7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Околу 963 илјади граѓани на Македонија имаат регистрирано профили на социјалната мрежа Фејсбук, покажува истражувањето на Интернет Ворлд Статс (Internet World Stats). Социјалните мрежи кај нас им го зедоа приматот на другите медиуми, па „Фејсбук во Македонија доживеа подем во 2008 година, како дел од светскиот тренд и со преведувањето на нивниот интерфејс на локалните јазици“, објаснува за ДВ, Филип Стојановски, програмски координатор во Метаморфозис, Фондација за интернет и општество.

„Многу луѓе поминуваат голем дел од своето време на социјалните мрежи затоа што така задоволуваат некои лични потреби. На пример, за комуникација со географски оддалечени соговорници“, објаснува Стојановски. Но, вака се пополнува и празнината во медиумскиот простор.

„Како секаде во светот, кога граѓаните не ги добиваат сите информации кои им се потребни од традиционалните медиуми- и во Македонија тие се вртат кон интернет како последна слободна територија. Независните портали, блогови и социјалните мрежи имаат важна улога во надоместување на плурализмот на вести и мислења кој е основа за демократски развој, но се покажува дека не се „лек за сите болести“. Особено што голем дел од граѓаните одбираат да молчат“, вели тој.

Освојување на социјалните мрежи

Интернетот и социјалните мрежи на среќа се и местото од каде неброено пати тргнуваа во реализација корисни, благородни и хумани идеи. Но, Фејсбук исто толку се „дави“ во ниско ниво на комуникација, говор на омраза, меѓупартиски надитрувања.

„Политичките партии кои го контролираат медиумскиот простор се трудат да воспостават контрола и врз дискурсот на интернет. Од воведување нови законски решенија со кои се ограничува слободата на говор, јавни закани дека се следи кој што прави на социјалните мрежи од институциите под партиска контрола (при што, нема јавно достапни информации за постапки против ширители на говор на омраза), до координирано малтретирање одредени корисници, или пак наредби на партиските членови или зависните вработени во јавна администрација да го откажат пријателството со „неподобни“ активисти. Како последица, голем број корисници на социјалните мрежи се откажуваат или престануваат да ги користат за дискусии за општествени прашања, туку само за „лесни теми“ или лични, семејни објави“, вели Стојановски од Метаморфозис.

Шанса за (нова) приказна и (нова) реалност

Виртуелниот простор е привлечен за создавање нова приказна, вели Мишел Павловски, професор на културолошки студии-Институт за македонска литература и објаснува дека тоа е одговор на желбата да се промени реалноста.

„Кибер просторот дава можност да ја создадеш сопствената приказна-лична, индивидуална, колективна. Почнувајќи од онаа на сопственото семејство преку приказната за социјалната, економската и политичката група сè до создавањето на сопствената национална приказна. На тој начин, кибер просторот е многу податливо место за создавање на идентитетите. Сеќавањето и историјата се голема нарација. Кибер просторот е многу погоден за да се промовира сопствената голема нарација, историја. Тука во последно време се водат жестоки дебати “, вели Павловски. Кибер просторот се провлекува и во прашањата за културната меморија- тема на првата меѓународна научна конференција што од денеска (5-ти септември) до 7-ми септември се одржува во Скопје.

„Во кибер просторот не можете да молчите- во него сте присутен кога ќе напишете нешто- а тогаш- не молчите. Можете да гледате ама тогаш не сте присутен. Тогаш ја немате создадено својата приказна и другите не знаат за вас. И не постоите за нив“, додава тој.

Секоја секунда во светот се отвораат пет нови профили

Според истражувањето, во последната година бројот на корисници на Фејсбук во Македонија е зголемен за 90 илјади. Бројот на Фејсбук корисници во светот надмина милијарда, а од нив 251 милион се во Европа. Стојановски од Метаморфозис смета дека овие бројки сепак треба внимателно да се толкуваат.

Mishel Pavlovski Uni Skopje
Мишел ПавловскиФотографија: DW/S. Todorovska-Pavloska

„Податоците за популарноста на Фејсбук најчесто потекнуваат од самиот Фејсбук, приватна компанија која се издржува со продавање рекламен простор. Според нив, тие нудат пристап до над 1.040.000 луѓе од Македонија, но нема независни истражувања со кои се потврдуваат овие бројки. Фејсбук при тоа не нудат информации на кои сè начини осигуруваат дека секој профил е поврзан само со една личност“.

Според истражувањето, на Фејсбук дневно се споделуваат 4,75 милијарди содржини, а се поставуваат 300 милиони фотографии. Просечно еден корисник на Фејсбук останува 20 минути.