1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук воајеризам: „лајкни“ протест и седи дома

Синиша Богданиќ/Б. Георгиевски25 февруари 2014

Хрватите сѐ почесто ги „лајкуваат“ протестите, наместо да излезат на нив. Таков е впечатокот по неколку неуспешни обиди да се организираат протести во земјата преку Фејсбук.

https://p.dw.com/p/1BEuU
Фотографија: AP/dapd

На протестот за поддршка на граѓаните на Босна и Херцеговина на општествените мрежи беа пријавени повеќе од 4.500 граѓани, но на крајот на улиците ги имаше едвај неколку стотици. Акцијата не успеа, иако во исто време некои медиуми отворено ги повикуваа граѓаните на уривање на владата „по босански модел“.

Да се претвори еден „лајк“ во глас или во акција не е едноставно ни за големите брендови, а не пак за групи кои не се докрај изградени, кои не знаат што сакаат и што застапуваат, вели во разговор за ДВ Крешимир Мацан, експерт за политичка комуникација. Луѓето, додава тој, во такви ситуации начелно ги поддржуваат идеите, но тоа се разводнува затоа што не знаат кој ги води и зошто би требало да отидат на тој протест.

Kroatien Land und Leute Demonstration in Zagreb
Протести во ЗагребФотографија: Ognjen Alujevic

Меѓу активизам и хулиганизам

Мацан истакнува дека Хрватска, сепак, е пионер во онлајн активизмот и дека во земјата биле организирани спонтани акции кои имале голем ефект. Меѓу нив е и проектот на уривањето на државната матура пред 6 години.

Доцентот на Филозофскиот факултет во Загреб, Мате Каповиќ, и самиот учесник и организатор на бројни протести, тврди дека медиумската логика според која Хрватите само „лајкуваат“ на Фејсбук не е втемелена во реалноста, и вели дека има одредена идеолошка функција. „Луѓето се критикуваат кога не излегуваат на улица, кога нема големи протести и реакции. Но кога ќе се случи насилство како во БиХ, тогаш тоа е хулиганизам. Или се тврди дека со протести нема ништо да се постигне, па и не мора да се организираат“, вели Каповиќ.

Нови протести ќе има

Иако не делува така, Хрватска високо се позиционира на „протестната“ карта на Европа. Кога ќе се погледнат последните 20 години, во земјата имало најмногу милитантни одбрани на фабрики во источна Европа, тврди Каповиќ. „Протести има постојано, тоа што еден не успеал и не собрал 15 илјади луѓе тоа ништо не значи. Сосема е извесно дека нови протести ќе избијат, но не може да се предвиди која искра ќе ги поттикне“, вели Каповиќ и додава дека политичките елити живеат во страв од излегувањето на луѓето на улица.

Mate Kapovic Philosophische Fakultät Zagreb
Мате КаповиќФотографија: DW/S. Bogdanic

Тој потврдува дека анонимноста која Фејсбук им ја обезбедува на организаторите на протестите може да биде и проблематична. Иако на јавноста можеби не и‘ е важно како се викаат луѓето кои организираат општ бунт, тоа може да биде и лошо бидејќи јавноста не знае каква идеологија всушност се заговара.

Крешимир Мацан смета дека луѓето во меѓувреме увиделе дека од Фејсбук- протестите нема ништо, па почнале само да го „лајкаат“ она што го сметаат за општествено пожелно. „Тоа е едноставно воајеризам. Стоите на страна, гледате и го правите она што е општествено пожелно. Луѓето ’лајкуваат’ вонредни избори. Но кога треба да се излезе на избори, едвај 50 проценти од нив излегуваат“, вели Мацан.