Феноменот Ердоган и очајната опозиција
31 март 2014Локалните избори во Турција на религиозно-конзервативната партија АКП на премиерот Реџеп Таип Ердоган ѝ донесоа повторно извонреден резултат. Неговите очајни критичари и противници во земјата и странство сега се обидуваат да си дојдат на себе од ваквата јасност на неочекуваниот изборен резултат. Опозиционите партии не успеаја поради тоа што немаат убедливи аргументи, програми и стратегии. Обидот да се изгради единствен фронт во повеќе региони, како противтежа на АКП, остана заглавен на почетните позиции.
Како можеше да дојде до тоа? Зарем не беа обелоденети безброј обвинувања за корупција против Ердоган, вклучително и неговото приватно опкружување и повеќе членови на неговата владина екипа? Зарем не се сметаше за сигурно дека поради тоа избирачите ќе го казнат? Како можеше АКП да победи во големите центри, како Истанбул и Анкара, и покрај многу силните противкандидати? По катастрофата на анти-АКП фронтот и победата на Ердоган со над 45% освоени гласови и подобрување на резултатот од цели 6 проценти во однос на претходните локални избори, навираат прашања и прашања. Тоа што не се достигнати 50% од гласовите, како на парламентарните избори пред три години, е мала дамка на елекот на АКП, со оглед и на тоа што локалните избори во Турција имаат поинаков карактер.
Републиканската народна партија (ЦХП) е веќе неупотреблива и безвредна. Под раководство на, во споредба со Ердоган, многу бледиот Кемал Киличдароглу, на оваа партија, која основачот на републиката Кемал Ататурк ја остави зад себе со задача да го чува неговото прозападно ориентирано реформско дело, ѝ се заканува пад во безначајност.
Одмаздата на непривилегираните
Изборниот резултат е казна за етаблираните партии и образованите слоеви поради нивната арогантност од страна на, со децении, експлоатираните маси во државата Турција. Оние што работат за минимална плата и жителите на големите градови кои живеат најголем дел во недостоинствени услови, им се одмаздија на своите господари, исто како што тоа го сторија и традиционално потценуваните луѓе во внатрешноста. Ердоган сфати дека за тие луѓе треба да се понуди нов убедлив извор на идентификација и тоа го стори - ја понуди религијата наместо минливите западни вредности. Необразованите слоеви, кои се мнозинство во 77-милионската држава, во Ердоган гледаат застапник на нивните ставови и затоа минуваат преку стремежот за лично богатење со злоупотреба на функцијата за што тој е обвинет.
Лево-националистичката ЦХП, која успеа да добие само 26% гласови, односно два процента повеќе во споредба со претходните избори, не профитираше од соработката со десните националисти и со Курдите. Ваквите чудни, неприродни анти-Ердоган констелации дури ѝ нанесоа и штета на веродостојноста на кемалистичката ЦХП.
Европа треба да има трпение
„Говорот од балкон“ на Ердоган, одржан доцна вчеравечер (30.03) е далеку од она што се нарекува вообичаено однесување на победниците на изборите во Европа, кои во првите изјави се обидуваат да придонесат за помирување и со тоа прават напор да придобијат симпатии. Тој дури надворешнополитички зазеде и опасни позиции, па рече дека Сирија се наоѓа „во војна“ со Турција. Тоа се многу ризични тонови за еден премиер на земја членка на НАТО, чии сојузници не сакаат да бидат вовлечени во граѓанската војна во Сирија.
Недвосмислено дел од губитниците на изборите е и свештеникот Фејтулах Ѓулен. Движењето со кое свештеникот од 1999 година раководи од САД, исто како и целата позиција, беше притиснато до ѕид од Ердоган.
Што ѝ останува на Европа како заклучок? Ердоган при преговарањето сега ќе настапува посмело од кога и да е досега и нема да се стеснува да ги стави под прашалник ЕУ-амбициите на својата земја. Тоа, меѓутоа, во никој случај не смее да им биде повод на ЕУ-владите да ја отпишат Турција или дури и да ги прекинат преговорите за приклучување. Турција, во еден регион кој е немирен, ѝ е потребна на Европа и натаму како партнер од доверба за економска и воена соработка.