1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фатална споредба

Александер Кудашеф/превод:БГ23 октомври 2015

Адолф Хитлер сакал само да ги избрка Евреите, не и да ги убие. Холокаустот бил идеја на Големиот муфтија од Ерусалим, тврди Бенјамин Нетанјаху. Неговите зборови само го разгоруваат конфликтот, смета Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1GsyP
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Состојбата на Блискиот исток е повеќе од тензична- особено меѓу Израелците и Палестинците. Состојбата ескалира. Млади Палестинци постојано ги напаѓаат Израелците, армијата одговара со сѐ што и стои на располагање. Највисоки приоритет за израелските политичари и армијата е безбедноста на нивните граѓани.

Патот до трета Интифада?

Но тензиите постојано растат, затоа што дури и одлично опремената армија и извонредно ефикасната тајна служба се беспомошни против целосно случајните напади со нож. Дополнително, Израелците и Палестинците со право се плашат дека се на прагот на трета Интифада, со оглед дека палестинскиот претседател Абас речиси и да нема контрола врз младите, па дури и дозволува нештата да излезат од контрола. Тоа е застрашувачка констелација.

Германската влада и американскиот државен секретар Џон Кери со сите сили се трудеа во Берлин да помогнат за деескалација на состојбата на Блискиот исток. Дали беа успешни? Никој не се осмелува да тврди такво нешто. Затоа што дури и пред пристигнувањето во Берлин, беше очигледно дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е многу политички нервозен. Тој тврди дека палестинскиот Голем муфтија на Ерусалим го поттикнал Адолф Хитлер да ги уништи Евреите во 1940-те. Според Нетанјаху, Хитлер сакал само да ги протера Евреите, наместо да ги убива.

Историјата никогаш не е црно бела, и најчесто е длабоко сива. И секако, Амин ал Хусеини, Големиот муфтија на Ерусалим бил антисемит. Не ги сакал Евреи во Светата земја, ја отфрлал идејата за еврејска држава во Палестина, нешто што им било ветено на Евреите по Првата светска војна, иако многу неодредено. Тоа резултираше во насилства и екстремизам во палестинските области.

Alexander Kudascheff DW Chefredakteur Kommentar Bild
Александер КудашефФотографија: DW/M. Müller

Двајца антисемити

Дали Големиот муфтија ги мразел Евреите? Да, секако. Сепак, самиот Адолф Хитлер го објаснува својот антисемитизам во книгата „Мојата борба“. Посакувал систематско уништување на Евреите во Германија и Европа. Тој е одговорен за остварување на планот во Аушвиц, Треблинка и Мајданек, исто како и во Берген-Белзен, Бухенвалд или Варшавското гето. Ниту му требала помош, ниту поттик од Големиот муфтија.

Израелскиот премиер секако го знае тоа. Затоа, одбра историски фатална споредба од други причини: тој прави споредба на Големиот муфтија со претседателот Абас, традиција на антисемитизам насочен против Израел. Тоа е на линија со погледите на многу Израелци, и од нивна перспектива, тоа ја оправдува аверзијата кон компромисот и преговорите. На овој начин, Нетанјаху само провоцира ескалација, и ги уништува и онака малите надежи за мир, или дури и примирје, на Блискиот исток.