1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Факти за американската армија во Германија

Бенџамин Најт
16 јуни 2020

Одлуката за намалување на бројот на американски војници во Германија на 25.000 претставува голема промена во одбранбените односи помеѓу двете земји и ќе ја измени основата на американското воено присуство во Европа.

https://p.dw.com/p/3dq23
US-Truppen in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Armer

Сојузна Република Германија е витален дел од одбранбената стратегија на САД во Европа уште од крајот на Втората светска војна, кога американските сили беа дел од десетгодишната сојузничка окупација на земјата. Иако бројот на војници оттогаш е намален драстично, американската армија се’ уште е многу присутна и во изминатите децении околу повеќе германски градови се формирани американски воени заедници.

Стратешкото значење на Германија за САД се рефлектира во фактот што во Штутгарт е сместена американската команда за Европа (ЕУЦОМ), од каде се координираат американските воени сили во 51 главно европски земји.

Мисијата на ЕУЦОМ се состои во заштита и одбрана на САД со тоа што се спречуваат конфликти, се дава поддршка на партнерства како што е НАТО и се води борба против транснационални закани. Под команда на ЕУЦОМ се американските воени пешадиски, воздухопловни и поморски сили во Европа и сите тие имаат инсталации во Германија.

Во Германија е сместен најголемиот дел од американските трупи во Европа - околу 38.600 војници, иако тој број варира со оглед на фактот што војниците се распоредуваат редовно во други земји. Тоа значи дека во Германија, по Јапонија, има најмногу американски воен персонал во светот.

Но, бројот на војници во последните години опаѓа. Податоците на германската влада покажуваат дека од 2006 до 2018 година бројот на американски војници стационирани во Германија, како резултат на реакцијата на американската армија на променливата и се’ покомплексна безбедносна состојба во светот, се намалил за речиси половина - од 72.400 на 33.250.

Повеќе:

Трамповата казна за непослушната Германија

Што ќе значи повлекувањето на американските војници од Германија

Економски стравувања: Што ако американските војници заминат од Германија?

Најмногу гарнизони во Германија

Во Германија се наоѓаат пет од вкупно седум гарнизони на американската армија во Европа (другите два се наоѓаат во Белгија и Италија), а американската армија во Европа има седиште во гарнизонот во Визбаден.

Бројките кои американската армија му ги достави на Дојче веле, покажуваат дека овие пет гарнизони, кои имаат различна структура и се распоредени на различни места, во моментов опфаќаат 29.000 војници. Во тој број влегуваат американските морнарички сили за Европа и Африка, чие главно седиште е во Беблинген. Освен тоа, во Германија има и 9.600 припадници на американската воена авијација, кои се распоредени на различни локации, вклучително и двете американски воздухопловни бази во Рамштајн и Шпангдалем.

Infografik US-Militärbasen in Deutschland EN
Американски воени бази во Германија

Американската армија во Германија- повеќе од трупи

Со оглед на тоа што американските воени инсталации може да вработуваат и американски цивили и што војниците понекогаш можат да си ги донесат семејствата, околу базите се создадени цивилни заедници. Некои американски бази во Германија, како онаа во близината на Рамштајн, се дури со големина на мали градови. Тука има не само касарни, хангари и писти, полигони за вежби и магацини за материјали, туку и американски шопинг-центри, училишта, пошти и полициски сили. Понекогаш, единствената валута во која се плаќа е американскиот долар.

Во базите често се вработени и многу мештани, па базите важат за економски фактор за околните германски опшптини, чии фирми и’ нудат на американските армија производи и услуги. Кога во минатото се затвораа бази, како онаа во Бамберг, тоа значеше голем удар за локалната економија и многу Германци кои живеат во близина на активните американски воени инсталации се изјаснија против намалување на трупите.

Обемот на американското воено присуство во Германија не е ограничен само на персонал. САД чуваат авиони и во други неамерикански бази во Германија. Освен тоа, се смета дека благодарение на договорот за заедничко користење на нуклеарно оружје на НАТО, во германската база Бихел, во западна Германија, се чуваат 20 парчиња атомско оружје, што во Германија предизвика многу критики.

Друг контроверзен договор е оној за воздухопловната база Рамштајн, која служи како контролен центар за напади со дронови во Јемен и на други места.

Deutschland | Ramstein US Air Base
Воздухопловната база Рамштајн - некои бази се со големина на мали градовиФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Probst

Сојузничката окупација и нејзиното наследство

Военото присуство на САД во Германија е наследство од сојузничката окупација по Втората светска војна, која траеше од 1945 до1955 година. Во текот на тие десет години милиони американски, британски, француски и советски војници беа стационирани во Германија. Североисточниот дел од земјата, кој во октомври 1949 година стана официјално Источна Германија, падна под советска контрола.

Во Западна Германија окупацијата беше регулирана со закон, кој беше потпишан во април 1949 година, при основањето на државата. Законот им дозволуваше на Франција, Велика Британија и САД да имаат свои сили во земјата и да имаат целосна контрола врз разоружувањето и демилитаризацијата на Западна Германија.

Кога воената окупација официјално заврши, земјата си ја врати контролата врз својата одбранбена политика. По статутот за окупација меѓутоа следуваше нов договор со НАТО-партнерите. Овој договор, познат како Конвенција за присуството на странски сили во Сојузна Република Германија, беше потпишан во 1954 година и им дозволуваше на осум членки на НАТО, вклучително и САД, постојано воено присуство во Германија. Договорот се’ уште ги регулира условите за стационирање НАТО сили во Германија.

Бројот на американски војници е намален од крајот на Студената војна во 1990 година, кога, според податоци на германската влада, на германско тло биле стационирани околу 400.000 странски војници. Околу половина од нив биле американски, но тие постепено се намалувале како што попуштале тензиите со остатоците од СССР и откако заради конфликти во други региони во светот, како првата Заливска војна во Иран, се повлечени многу припадници на американската армија.