1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

240809 Deutschland Afghanistan

28 август 2009

Мисијата на Бундесверот во Авганистан се чини дека нема да биде тема околу која ќе се спори во последните недели од предизборната кампања - Ангела Меркел и противкандидатот Франк Валтер Штајнмаjер имаат слични ставови.

https://p.dw.com/p/JHSF
Никој не се брза со повлекувањето на војницитеФотографија: AP

Иднината на мисијата на Бундесверот во Авганистан досега беше само на маргините на предизборната кампања во Германија. Сепак, по првиот круг претседателски избори во Авганистан, канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот ривал во предизборната борба, социјалдемократот Франк Валтер Штајнмаер, ги искажаа нивните ставови околу присуството на Бундесверот во оваа земја.

Мисијата на Бундесверот во Авганистан се чини дека нема да биде тема околу која ќе се спори во последните недели од предизборната кампања - канцеларката Ангела Меркел од демохристијаните и противкандидатот Франк Валтер Штајнмаjер, од редовите на социјалдемократите, имаат слични ставови по ова прашање. Обајцата сакаат да ја продолжат мисијата, во која учествуваат четири илјади германски војници. Но, како што нагласува кандидатот за канцелар Штајнмајер, Бундесверот не е окупирачка армија и нејзината мисија не е цел сама за себе. Целта е во земјата повторно да се врати безбедноста и да им се помогне на Авганистанците повторно да застанат на нозе.

„Ниту отидовме без да размислиме со сопствена глава, ниту ќе си заминеме така. Но, со новиот авганистански претседател мораме да разговараме околу тоа уште колку долго треба да останат нашите војници и кога би можел да заврши нивниот мандат“, вели Штајнмајер.

Безбедноста на Авганистанците е нашата мисија

Во случај да победи на изборите, Штајнмајер ќе води разговори за планот за повлекување, но кандидатот на социјалдемократите не објави поконкретни планови. Тој додаде дека тоа би било неодговорно и би им одело во прилог единствено на талибанците. Ниту канцеларката Меркел не наведе конкретен датум за повлекување на германските војници, но и таа игра на картата на безбедноста, кога зборува за целите што треба да се постигнат во Авганистан, пред да настапи повлекување на единиците. „Ќе кажам само: безбедноста мора што поскоро да ја преземат самите Авганистанци. Не залудно Штајнмајер не наведува датуми, во што се согласувам со него, туку само вели дека имаме цел таму, што мора да ја постигнеме“, вели Меркел.

Afghanistan Deutschland Frank-Walter Steinmeier im Hubschrauber
Штајнмаер: Имаме цел во АвганистанФотографија: AP

Но, не сите во партијата на Унијата сметаат дека ова е вистинската стратегија. Поранешниот министер за одбрана, Фолкер Рие, се залага за тоа Бундесверот да остане ангажиран со истата сила уште две години, а потоа да почне да се повлекува. Со него не се согласува актуелниот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг (ЦДУ) - според неговите проценки, Бундесверот треба да остане во Авганистан уште пет до десет години. Десет години со исто темпо како досега - тоа не доаѓа предвид, контрира социјалдемократот Штајнмајер и ја разгорува расправата меѓу ЦДУ и СПД.

Рот: Военото присуство доведе до ќорсокак

Со кој авганистански претседател ќе преговара новата влада околу иднината на германската мисија во земјата, тоа засега се` уште е отворено. Сите партии во Берлин го поздравија тоа што мнозинството Авганистанци излегоа на избори, и покрај заканите од талибанците. Истовремено, инцидентите се сметаат за знак дека земјата ни од далеку не е толку стабилна и мирна, како што посакува меѓународната заедница. Опозицијата во Берлин бара да се вложат поголеми напори во обучувањето на авганистансктие безбедносни сили, правосудството и државната управа. Клаудија Рот, претседател на партијата на Зелените, истакнува: „Досегашната стратегија и доминацијата на воените решенија водат до ќорсокак. Тие не придонесоа за повеќе безбедност, туку за помалку.“

Ein Bundeswehrsoldat der ISAF Truppen in Afghanistan
Припадник на Бундесверот во АвганистанФотографија: AP

Партијата на Зелените е единствената која се залага за повлекување на Бундесверот од Авганистан. А поведени од мислата дека мнозинството Германци се, исто така, против военото присуство во Авганистан, партијата на Зелените наголемо го претставува ова свое барање за време на предизборната кампања.

Автор: Нина Веркхојзер / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска