1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште еден граничен спор меѓу Хрватска и БиХ

Игор Ласиќ / Александар Методијев18 ноември 2013

Двете соседни земји во најскоро време очекуваат започнување на преговори за морската граница кај Неум. Како што дознава ДВ, официјално Сараево ќе ги иницира поради широкото незадоволство од политичките позиции на Загреб.

https://p.dw.com/p/1AJMX
Фотографија: DW

Малку во сенка на расправите во Хрватска за проектот „Пељешки мост“ остана латентниот спор меѓу оваа земја и Босна и Херцеговина за морската граница во близина на Неум (на насловната фотографија) и Неретванскиот канал. Сепак, повеќето истапи на одредени претставници на двете земји во последно време ја актуелизираше оваа нерешена тема. Дискутантите се повлекоа од јавноста пред расправата да зоврие во медиумите, но Дојче веле дознава дека тука не е крајот. Ќе следуваат официјални преговори меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина.

Хрватска, спротивно на меѓународното право за морињата, наводно ги затворила босанскохерцеговските територијални води со непрописно обележаните граници во водата. Тоа се случило минатата деценија, со стапувањето на сила на Хрватскиот поморски закон. На Хрватска и’ се префрла дека границите во морето ги повлекла едноставно преземајќи ги оние од СФРЈ и занемарувајќи ги правата на Босна и Херцеговина. А, Конвенцијата на ОН за поморското право вели дека една земја не смее да го одвојува територијалното море на друга земја од отвореното море.

Спорни основни линии

Најблиску до копното се внатрешните води, кои со линии, наречени основни црти, се одвојуваат од територијалното море на истата земја. Територијалното море може да содржи дополнителни 12 наутички милји кон морската шир и останати води на таа земја: надворешен појас, исклучително економски појас и епиконтинентален појас. Со исцртување на границата во средина на хрватските внатрешно море се наоѓаат територијалните води на БиХ без излез на отворено море.

Franjo Tudjman Alija Izetbegovic Kroatien Bosnien Herzegowina
Алија Изетбеговиќ (лево) и Фрањо Туѓман (десно)Фотографија: picture-alliance / dpa

Дамир Арнаут, експерт за поморско право, инаку амбасадор на БиХ за Австралија и Нов Зеланд, за тој парадокс во изјава за ДВ оцени:

„Кога тие основни црти би биле валидни, се’ што се наоѓа меѓу територијалното море на БиХ и тие црти би биле внатрешни води на Република Хрватска, а низ нив не постои право на неограничен премин, како што постои низ територијалното море“.

Така Босна и Херцеговина нема внатрешни, туку само територијални води, што е последица на фактот дека поседува мало морско копно опкружено со туѓа територија. Сепак постои привремено уредување на границата.

„Договорот ’Туѓман-Изетбеговиќ’ е важечки акт, се’ додека не се донесе нов. Многумина кои тоа го оспоруваат без основа, како на пример дубровничкиот жупан, всушност ја замајуваат јавноста“, вели најпознатиот хрватски експерт за морско право, академикот Владимир Ѓуро Деган во изјава за Дојче веле.

Претерување од двете страни

Kroatien Halbinsel Peljesac
Полуостровот Пељeшaц - каде е границата?Фотографија: picture-alliance/dpa

Според споменатиот договор од 1999 година, кој е на сила, но не е парламентарно ратификуван, морската граница се повлекува на средина меѓу клучните копнени точки во заливот. Со дефинитивна верификација на тоа, двете најблиски училишта од полуостровот Клек би останале на страна на БиХ, што предизвикува отпор во некои хрватски кругови. Деган смета дека тие едноставно претеруваат, како што претеруваат некои и на спротивната страна.

„Па што ако сопствениците на нивите се хрватски граѓани? Нека и’ плаќаат данок на Босна и Хервцеговина. Како да е тоа единствениот таков случај во светот“, вели Деган. Според него, и двете земји не би добиле повеќе од зацртаното во договорот „Туѓман-Изетбеговиќ“.

Од хрватското Министерство за надворешни и европски работи велат дека Хрватска целосно ги почитува меѓународно преземените обврски. Но, оваа институција не сака да го коментира парадоксот со исцртаните линии.

Од босанска страна Зоран Перковиќ, член на Мешовитиот дипломатски комитет за гранични прашања помеѓу двете земји, вели дека договорот од 1999 година добро функционира во пракса, но дека останува проблемот за конечно и целосно регулирање на пристапот на БиХ кон отворено море.

„Босна и Херцеговина затоа наскоро ќе иницира меѓународна постапка, во која ќе се обработи прашањето за основните црти“, вели Перковиќ.