1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Учителот кој оди во посета на своите ученици ширум светот

Андреа Грунау
8 март 2019

Јан Каман сакаше да открие од каде доаѓаат неговите ученици: испи макијато на Косово, сретна авганистански деца во Иран, бараше ученици во Гана, го посети „Шварцвалд“ во Никарагва.

https://p.dw.com/p/3EQ1R
Ghana l "Ein deutsches Klassenzimmer" von Jan Kammann
Фотографија: Jan Kammann

Што треба да се знае за Јан Каман? Тој се насмевнува и по кратко размислување одговара: „Јас сум многу отворен кон светот. И секој ден уживам во тоа да запознавам луѓе и да ги разберам нивните околности.“ Мала пауза, па продолжува: „И почнав да ги разбирам нивните шеги“, се смее повторно.

Der deutsche Lehrer Jan Kammann hat die Heimatländer seiner Schüler besucht
Книгата на Јан Каман​ „Една германска училница. 30 ученици, 22 нации, 14 земји и еден учител на патување низ светот“Фотографија: Jan Kammann und Luisa Wolff

Веќе шест години, овој 39-годишник предава англиски и географија во гимназијата „Хам“ во Хамбург. Во Европското училиште, кое функцинира под мотото „Обединети во различноста“, учат деца од цел свет. Тие и нивните родители доаѓаат поради различни причини во Германија: како бегалци или ученици, бидејќи нивните родители добиле работа во Германија, или бидејќи детето треба да посетува една позната балетска школа во Хамбург.

Кога ќе дојдат првпат во училиштето, раскажува Јан Каман, тие доживуваат стрес: „Бидејќи ниту учениците ниту нивните родители не знаат ни збор германски." Често се мисли дека е лесно човек да се интегрира во германското секојдневие, но во други земји тоа е сосем поинаку. За подобро да ги разбере своите ученици, Каман си зема подолг одмор и цела година патуваше низ нивните татковини во Европа, Азија, Латинска Америка и Африка. Напиша и книга од тоа патување - „Една германска училница. 30 ученици, 22 нации, 14 земји и еден учител на патување низ светот“.

Бугарија: Помалку вреднувани во странство

Една ученичка дојде неколку дена подоцна, по завршување на распустот од посетата на нејзиното семејство во Бугарија, раскажува Јан Каман. Причината за тоа е долготрајното возење со автобус, објасни таа. За време на летниот распуст учителот се качи во автобус и се чудеше колку долго е на пат. Насекаде во Германија има луѓе од Бугарија кои работат по германските полиња, градилиштата или како негуватели. Ова се луѓе кои многу Германци не ни знаат дека постојат околу нив, вели Каман. „Веројатно нашата економија воопшто не би функционирала без нив."

Bulgarien - Deutscher Lehrer Jan Kammann, Autor "Ein deutsches Klassenzimmer", hat die Heimatländer seiner Schüler besucht
Фотографија: Jan Kammann

По два дена возење со големи паузи тој сосема исцрпен пристигнал во главниот град Софија – а неговата ученичка морала да патува уште дополнителни 500 километри подалеку! Од еден бугарски учител Каман дознал дека поголемиот дел од апсолвените ја напуштаат земја. Тие во странство не се ценети колку што треба.

Косово: Нема само негативни страни

Војна, корупција и кризи – Јан Каман многу има слушано за ова. Типично човек ги знае само негативните теми, вели тој. Но тој е изненаден што во својот личен водич, кој го добил од ученикот од Косово, научил многу други работи за оваа мала земја.

Kosovo "Ein deutsches Klassenzimmer" von Jan Kammann
Фотографија: Jan Kammann

Така, на пример, во Косово го има најдоброто макијато на светот – топол напиток кој во принцип најмногу се поврзува со Италија. Јан Каман вели дека на Косово тоа има неверојатен вкус. Косово е дури и туристичка дестинација со скијачки терени и можности за планинарење, а луѓето се многу гостопримливи, вели тој. Во секој случај, ќе се врати повторно овде.

Иран/Авганистан: Прашањето на Шабана

„Има ли случајно можност да дојдам во Германија?" Ова прашање на Каман му го поставила 19-годишната Шабана. Таа била најдобрата ученичка на натпреварот „Трагачи по знаење", една иницијатива од Иран. Таа на маргините на Техеран им држи настава на деца бегалци од Авганистан, кои не можат да се запишат во државните училишта. Шабана сака да стане лекарка, но за тоа во Иран нема никаква шанса. Каман не знае како да ѝ се помогне. Нејзината бесперспективност, која ја дели со многу млади луѓе, го прогонува до ден-денес. Неговото патување, вели овој Германец, е и чиста среќа: „Се чуствувам многу привилегиран што сум се родил овде."

Iran - "Ein deutsches Klassenzimmer" von Jan Kammann
Фотографија: Jan Kammann

По разговорите со многу Иранци му станало јасно колку му е ограничен погледот на Европа. Еден ирански социолог, кој исто така е добар познавач на европската култура, го прашал за иранските духовни величини. Каман се подзамислил и заклучил дека мора многу повеќе да научи за останатите култури и да ги интегрира во сопствената настава.

Никарагва: Рикардо го препорачува „Шварцвалд“

Тоа што неговиот учител решил да патува во Никарагва е одлично, вели Рикардо за ДВ. Тој сакал откако ќе заврши 10 одделение да отпатува во родниот град Манагва и да му биде водич на Јан Каман низ земјата. Неговите родители дошле со него во Хамбург за да го завршат докторатот по земјоделски науки. Но, Рикардо се разболува од леукемија.

Nicaragua "Ein deutsches Klassenzimmer" von Jan Kammann
Фотографија: Jan Kammann und Luisa Wolff

Неговиот учител го посетил во болница со една географска карта. Нему му е важно да научи нешто од своите ученици. Рикардо му препорачал да ги посети вулканските предели и никако да не пропушти едно место во Никарагва – „онаму каде што патките пливаат на едно езеро – исто како во Германија." Тоа е „Селва негра" или црната шума. Доселениците од германскиот Шварцвалд дошле таму во 19. век и почнале да одгледуваат кафе во тропските шуми. Во Втората светска војна биле уапсени, само поради тоа што биле Германци. „Човек не смее да ги става сите луѓе во ист кош", предупредува Јан Каман. Опасноста од ова ја гледа и во Германија, кога арапски или муслимански ученици паушално се перцепираат како терористи.

Гана: Џефри препорачува дополнителни часови за колонијалната историја

Ученикот на Јан Каман, Џефри, е роден во главниот град на Гана, Акра. Тој многу се израдувал што неговиот учител дошол во неговата татковина и во татковините на другите соученици. „Не познавам друг учител како него, кој би го направил истово", вели денес 19-годишното момче во интервју за ДВ. Тој се нервира поради тоа што во Африка често се паушализира Германија. Секоја земја е различна, на училиште се слуша премлаку за тие работи. Во меѓувреме Џефри матурираше. Тој за службите за странци преведува од јазикот Тви. Наесен почнуваат неговите студии за меѓународно право.

Ghana l "Ein deutsches Klassenzimmer" von Jan Kammann
Фотографија: Jan Kammann

На Јан Каман му препорачал во Гана да се информира за трговијата со бело робје. Во Кејп Коуст тој посетил музеј каде дознал како колонијалните сили прво го земале златото и тропските дрва, а на крај и луѓето како робови од западна Африка. Оваа сурова слика го потресла Јан Каман.

Не се исклучени и други патувања по светот

Der deutsche Lehrer Jan Kammann hat die Heimatländer seiner Schüler besucht
Каман е расположен за нови патувањаФотографија: Jan Kammann und Luisa Wolff

Откако заминал на патување и го видел сето она што го видел, вели Јан Каман, тој уште повеќе ги почитува своите ученици поради нивните успеси при учењето германски и прилагодувањето на новата култура. Се чувствува многу привилегиран што има германски пасош.

Од патувањата со себе понел многу прашања за сиромаштијата и богатството, трговијата и правдата, кои сега се одразуваат во неговата настава. Најважното патување минатата година го одвело во породилната сала: веќе три месеци неговиот и животот на неговата партнерка се вртат околу нивната ќеркичка. Тој може да си замисли повторно да отпатува во татковините на неговите ученици. „Имам водичи за патување од 45 земји, материјал за многу нови патувања по светот."