Ученици никаде, учители секоја година сѐ повеќе
1 септември 2013Податоците се конечни и тие не се оптимистични. Во Република Српска се укинати 80 одделенија, бидејќи оваа година не се запишал ниту еден ученик, а и поради тоа што поради финансиската криза дојде до прераспределба на нормите и до спојување на одделенијата. Милена е класен раководител во Бања Лука.
Иако вели дека оваа година е најавено дека вработените нема да станат технолошки вишок, факт е дека повеќето наставници нормата ја дополнуваат во другите училишта: „Повеќето од моите колеги, како и јас се во постојан страв дека еден ден ќе станат технолошки вишок, бидејќи секоја година се запишуваат сѐ помалку ученици. Во градските училишта некогаш имало по седум одделенија, а сега се четири или пет. Во руралните средини каде имало барем две одделенија, сега запишуваат само во едно“.
15 илјади основци помалку за пет години
Состојбата е најлоша во Херцеговина и во источниот дел на БиХ. Претседателот на бордот на директори на регионот Бијелина, Драгорад Васиќ, вели дека секоја година бројот на запишани ученици е сѐ помал, но дека не се зборува многу за тоа.
„Да, воопшто не е оптимистично. Околу 970 ученици се запишани во Бијелина во прво одделение што во споредба со уписот во последните четири години е за 300 ученици помалку. Кога станува збор за целиот регион, запишани се пет отсто помалку ученици во однос на минатите години“.
За само пет училишни години Република Српска осиромаши за околу 15 илјади основци. Ако на ова додадеме дека просечно одделение брои околу 19 ученици, пресметката покажува дека во тој период се затворени 740 училници. Состојбата е малку подобра во Федерацијата Босна и Херцеговина, кога се работи за запишани ученици, иако податоците не се ветувачки. Претседателот на синдикатот за основно образование на Федерацијата БиХ Селведин Шаторовиќ вели дека е очигледно оти секоја година се намалува бројот на запишани деца во прво одделение и дека со тоа треба да се позанимава државата за сузбивање на белата чума: „Ние сѐ уште се обидуваме да ја одржиме состојбата без прогласување на технолошки вишок во сите кантони, на начин да го зголемиме квалитетот на наставата, со намалување на бројот на учениците во одделенијата“.
Ги едуцираат, па ги прогласуваат технолошки вишок
Проблемот е што овој систем не може вечно да трае така што во еден момент бројот на учениците во училниците ќе престане да опаѓа, а во Бирото за вработување ќе има сѐ повеќе учители без норми. Без оглед на тоа сценарио властите во ниеден кантон немаат стратегија за решавање на ова прашање бидејќи очигледно е дека секоја година се запишуваат исти или дури и поголем број на професори по класна настава, што за ваква состојба во општеството е апсурдно. Селведин Шаторовиќ вели: „Сметаме дека насоките на факултетите не се одредуваат според потребите на пазарот, туку според името и презимето на професорот кој треба да ја пополни нормата. Илузорно е државата од една страна да го финансира образованието на тој кадар, а од друга страна да прогласува технолошки вишок. Тоа е уште една небулоза која може да се случи само во БиХ“.
Федерацијата има дополнителен проблем, а тоа е разединетоста бидејќи секој кантон има свое Министерство за образование кое работи на свој начин. Мирел Ќеликовиќ од Тузла, новинар во Бх радио 1, се занимава со темите за помалку запишани ученици во основните и средните училишта во кантонот Тузла, каде состојбата е можеби најлоша во Федерацијата БиХ. Во последните десет години се забележува помал број на ученици вели Ќеликовиќ укажувајќи на актуелната власт како главен виновник: „Се плашам дека за неколку години, кога уште повеќе ќе се почувствува недостатокот од ученици, ако нешто не се смени, бројот на наставниците во Бирото ќе се зголеми двојно бидејќи очигледно се работи за хиперпродукција на кадар која не ја следи потребата на пазарот“.
Без план
Интересно е што никој од надлежните не е премногу загрижен кога станува збор за овој проблем, освен декларативно. Во почетокот на годината за новата Влада на Република Српска на чие чело е Жељка Цвијановиќ е најважно Република Српска да не опаѓа демографски: „Како ќе се однесуваме подоцна во смисла на одредена потреба од рационализација ќе бидете известени“, изјави тогаш Цвијановиќ.
Овде не се работи само за згаснување на десетина одделенија туку и за значаен број на просветен кадар кој ќе биде технолошки вишок, бидејќи нема да има кого да учи за неколку години. Ресорниот министер Горан Мутабџија се согласува дека вишокот на едукатори ќе биде голем проблем, иако нема конкретен план: „Сакам да кажам дека тоа е едно сложено прашање кое мораме да го опфатиме од сите страни“.
Синдикатот во овој момент работи на иницијатива на измена на Законот за основно и средно образование каде би се дефинирал најмал, најголем и оптимален број на ученици во училниците за да се заштитат работниците. Дали тоа ќе го прифати Владата, ќе се види во оваа училишна година, бидејќи наредната календарска е изборна, па можни се секакви ветувања.