Уставните измени в понеделник во Парламентот
13 октомври 2018Предложените уставни измени кои произлегуваат од договорот со Грција за промена на уставното име на Република Македонија, по дводневна расправа на собраниската Комисија за уставни прашања, в понеделник ќе бидат разгледувани во Собранието на закажаната пленарна седница.
Вчера (12.10.2018) попладнето, Собраниската Комисија за уставни прашања со десет гласа „за“ и седум „против“ го поддржа владиниот предлог за пристапување кон промена на Уставот согласно со Договорот за името со Грција и донесе заклучок Собранието да започне постапка за гласање на уставните измени.
Владата ги повика пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ в понеделник да гласаат за уставните измени. Опозицијата пак и натаму останува на претходниот став - дека нема да гласа за предложените уставни измени.
За усвојување на уставните измени потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот. Доколку уставните измени не поминат во понеделник, односно не се постигне потребното двотретинско мнозинство, најверојатно ќе следат брзи предвремени парламентарни избори.