1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успех или неуспех во Копенхаген

16 декември 2009

Со изгледите за успех на самитот за климата во Копенхаген, како и со различните ставови околу тоа што би било успех, а што не - се занимаваат и коментаторите на денешните весници.

https://p.dw.com/p/L3kp
Ќе има ли реална спогодба? Демонстранти бараат договор на лидеритеФотографија: AP

Во весникот „Хановерше алгемајне цајтунг“ читаме: „Ретко кој уште верува дека во Копенхаген ќе биде донесен правно обврзувачки документ. Затоа многумина се помируваат со послабата варијанта на еден вид преодно решение. Но, од Копенхаген би можело да дојде и повеќе од тоа. Важно е индустриските и земјите во развој да се придвижат по прашањето на намалувањето на испуштањето штетни гасови, како и финансиската помош за таа цел. Постигнатите спогодби треба да се формулираат што е можно поконкретно во заклучоците од самитот. Во спротивно самитот во Копенхаген ќе испадне гигантска, но празна манифестација што послужила само за престижот на светските лидери.“

„Фајненшел тајмс Дојчланд“ ја предупредува ЕУ од намалување на нејзините зацртани цели како мерка на притисок кон САД и Кина: „Европските лидери веќе со години ја слават улогата на предводник што ја има ЕУ. За разлика од американското население, Европејците ја перципираат опасноста од затоплување на Земјината топка како реална. Европејците и понатаму очекуваат од нивните политичари да се борат за амбициозните цели на ова поле и во Копенхаген. ЕУ не може да си дозволи неуспех на конференцијата. А намалувањето на целите што самата си ги зацртала би било токму тоа“, заклучува „Фајненшел тајмс Дојчланд“.

Турскиот весник „Аксам“ скептично гледа на исходот од конференцијата: „Очекувањето дека богатите земји ќе го намалат испуштањето штетни гасови и со тоа ќе ја спасат иднината на Земјата, се чини речиси неостварливо. Доколку не се најде решение во последен миг, тогаш Обама и другите претседатели на држави и влади нема да потпишат никаков конкретен документ и ќе мора да се задоволат само со изјави за намери и желби“, оценува весникот „Аксам“.

Dänemark Flash-Galerie Kopenhagen Panorama
Има шанси да стане симбол на свеста за климатските промени: панорама на КопенхагенФотографија: picture alliance / dpa

„Ноје цирихер цајтунг“, напротив, со оптимизам гледа на преговорите во Копенхаген, па коментира: „Според текот на преговорите на крајот од конференцијата може да сметаме дека ќе има политички заклучок. Тоа ќе биде разочарување за оние, кои очекуваа правно обврзувачки документ. Но, и политички заклучок не е ништо! И Копенхаген да се отпише веднаш како неуспех би било погрешно, бидејќи веќе многу работи се придвижија - наспроти разликите. Темата за климатските промени е и останува високо на списоците со приоритети на владите во светот. Тоа важи и за САД и Кина, држави кои до сега беа во офсјад што се однесува до климатските промени.“

Сличен е и ставот на холандскиот весник „Трув“: „Копенхаген може да се означи како успех, се’ едно како ќе заврши. Причината за тоа е фактот што ниту еден од учесниците на конференцијата не се помести во таборот противници на борбата против климатските промени. Со други зборови, насекаде во светот е прифатен фактот дека температурата на Земјата е во пораст и дека луѓето мораат да се погрижат за тоа овој пораст да се држи во дозволиви граници!“

Автор: Дојчландфунк/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска