Уништување на природата во име на Олимпијадата?!
7 февруари 2014Владимир Кимајев тажно гледа кон каменоломот пред него. Таму деноноќно се копа сѐ подлабоко во планината. Се наоѓаме во местото Ахштир, на околу десет километри од Сочи - центарот на Зимските олимписки игри. „Изградбата на олимписките објекти во Сочи доведе до речиси неповратни еколошки штети“, вели активистот за заштита на животната средина.
Кимајев работи за организацијата „Еколошко набљудување на Северен Кавказ“, која ја критикува руската влада. Тој го следи уништувањето на животната средина околу Сочи уште од доделувањето на организацијата на Игрите во 2007-ма година. За олимписките објекти и гигантската инфраструктура беа потребни камења. Затоа дрвјата мораше да се исечат, за да се обезбеди пристап до карпата.
„Во советско време во Сочи имаше 30 квадратни метри зелена површина по жител. Денес се останати три квадратни метри“, објаснува Кимајев.
Автопат над речно корито
Четириесет километри ги делат олимписките спортски сали во населбата Адлер, директно на морето, и Краснаја Полјана во планините. Таму почнуваат скијачките натпревари. Автопатот на столбови и железничката траса кон Краснаја Полјана се најголемиот инфраструктурен проект на Игрите. Тие минуваат во средина на природниот резерват Северен Кавказ. Огромни бетонски столбови од автопатот се набиени во коритото на реката М’зимта, која е најголема река во регионот.
„Таа беше единствената река во Русија со речно корито составено од посебна мешавина на песок и камења. Имаше природно создадена плажа, која беше уништена за време на градежните работи“, се сеќава Кимајев.
Исто така и спортските објекти во Краснаја Полјана беа изградени благодарение на гигантска сеча на дрвјата. Тоа може да го види секој кој со лифтот ќе се качи на биатлонскиот стадион. Таму горе е менаџерот на арената Андреј Марков. Полн со гордост, тој нѐ води низ стадионот со 7.500 гледачи. За прашањето за еколошките аспекти тој неволно зборува.
„Се извинуваме за секое дрво што сме го турнале, ама поинаку не е можно ако сакате овде да изградите една ваква градба“, вели Марков.
Дрвјата треба да бидат заменети
Овие Игри би требало да бидат „зелени игри“. Во вторникот (04.02.) претседателот на државата Владимир Путин посети центар за одгледување леопарди, кои по завршувањето на Игрите треба тука да бидат вратени во дивина. Уништување на животната средина? За Путин такво нешто не постои. И од Градскиот совет на Сочи смируваат.
„Изградбата на олимписките објекти не беше само под надзор на Меѓународниот олимписки комитет, туку и под руското Министерство за животна средина“, вели Жана Григориева, асистентка на градоначалникот во Сочи. Таа додава дека еден орнитолошки парк, кој е направен посебно за времето по Игрите, треба да посведочи за одржливоста на Игрите. Освен тоа, градските власти се погрижиле да се создаде нова шума. „За секое паднато дрво на друго место е посадено ново дрво“, објаснува Григориева. Наводно, за пошумување се потрошени 1,5 милијарди евра. Но, Владимир Кимајев не верува во „зелените игри“.
„Во мучуришта се засадени растенија како компензација - ама, што е тоа? Донесени се палми од Италија кои за овој регион се тотално нетипични“, реагира еколошкиот активист.
Страдаат природата и луѓето
Жителите во Ахштир се жалат дека имаат прашина во белите дробови. Освен тоа, локалните бунари пресушија за време на работата во каменоломот. Дневната врева од 250 камиони со текот на годините ги направи луѓето болни.
„Од овде доаѓа нашиот зеленчук и нашето овошје, што порано го продававме на пазар и беше наша основа за живеачка, а сега никој повеќе не го сака, бидејќи е полно со прашина“, вели Александер Коронов, жител на Ахштир.
Владимир Кимајев и неговите колеги сепак имаа и успех во својот ангажман. Тие успеаја да ги убедат властите да ја преместат патеката за боб, а би можеле да ја спречат и изградбата на второ пристаниште на Црното Море.
Најголем дел од луѓето во Сочи се радуваат за Олимписките игри, но сега, кога градежните работи се завршени. Тие сметаат дека е добро што Русија му се презентира на светот и што Сочи профитира од својата инфраструктура.
„Градот и без Олимпијадата ќе си се развиеше, иако не толку брзо“, вели Кимајев. По Олимписките игри тој сака да продолжи да се бори - за одржливо искористување на олимписките објекти и за обнова на уникатната природа во Северен Кавказ.