Унгарија сериозна во намерата да подигне ограда кон Србија
18 јуни 2015Печатот пишува и за тоа дека Европскиот парламент има намера да преиспита дали Унгарија ги крши европските прописи. Една од причините за тоа е рестриктивната политика кон бегалците на владата на Орбан која најавува дека ќе подигне ограда на границата со Србија. „Сакаме да ја зголемиме внатрешната безбедност во Унгарија, а особено ни е важна нашата јужна граница. Затоа на 1. јули ќе разјасниме со Србија кои се тие мерки кои можат да се преземат надвор од рамките на ЕУ со цел контрола и запирање на протокот на бегалци. Ние, имено, сметаме оти Шенгенскиот договор е многу важен. Унгарија е против нови гранични контроли меѓу земјите од Шенген зоната, што е идеја која некои очиглено ја имаат на ум. Поради тоа мораме да ја согледаме ситуацијата надвор од нашиот опсег на контрола, за да може кај нас да доаѓаат само оние чии животи се во опасност. Унгарија ќе подигне 4 метра висока гранична ограда со Србија... Тоа е еден од начините. Но ние мораме да бараме решение и во рамки на ЕУ и затоа ни се итно потребни промени на правилата“, вели во интервјуто за „Берлинер цајтунг“ унгарскиот министер за социјална политика Золтан Балог.
На прашањето зошто тогаш Унгарија енергично се противи на предложените квоти за распределување на бегалците, унгарскиот министер одговара: „Ние можеме да разговараме за распределба на трошоци, граници, квоти итн., но прашањето кое навистина треба да го поставиме е од глобален карактер: дали ние сакаме да ги решаваме демографските и проблемите во врска со вработувањето во ЕУ, со помош на имиграција или со потпирање на сопствени ресурси. Одговорот на тоа прашање за Унгарија гласи: од сопствени извори. Инклузијата на ромската популација претставува значаен потенцијал за унгарското општество. Тоа е наша домашна задача, која ние како итна и прва задача мораме да ја решиме. Мораме да поставиме приоритети бидејќи економски не сме во состојба да направиме се’ одеднаш“, заклучува Золтан Балог во интервјуто за „Берлинер цајтунг“.
На БиХ и требаат решителни чекори против исламистите
„Во Босна и Херцеговина постојат опасни тенденции за радикализација. На земјата и’ е потребен европски орјентиран ислам и одлучни чекори против исламот“, рече австралискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц за време на посетата на БиХ пренесуваат медиумите на германски јазик.
„Исламот е дел од Европа, како што е дел и од Австрија“, рече Курц и нагласи оти во БиХ во одделни региони „постои опасен пораст на салафизмот“, пренесува „Тиролер тагесцајтунг“. Весникот наведува дека австрискиот министер во овој контекст го споменал и влијанието на Саудиска Арабија која освен што финансира изградба на џамии исто така плаќа и одделни имами ширум светот.
„Најновите случувања во Македонија се аларм“
„Босна и Херцеговина е земја од Западен Балкан која задава најмногу грижи. Развојот тече бавно. Потребни и’ се јасни импулси за изградба на цивилно општество, кое е столб на една функционална демократија. Поради тоа Австрија ги поддржува невладините организации кои работат на подобрување на меѓуетничките односи и заеднички живот“, вели Курц кој споменува дека претставници на истите ќе бидат поканети на Конференцијата за Западен Балкан која ќе се одржи на 27. август“, пишува „Тиролер тагесцајтунг“.
„Клајне цајтунг“ споменува оти министерот Курц предупредил и на состојбата во Македонија. „Најновите случувања во Македонија претставуваат аларм кој ни говори дека мораме да спречиме можност за нова дестабилизација на Балкан. Но, такво нешто може да се стори само со реформи. А реформи во БиХ се очекуваат по стапувањето во сила на Договорот за стабилизација и придружување на ЕУ од 1. јуни. Со договорот, спомена Курц, се воспоставува и зона за слободна трговија меѓу ЕУ и БиХ каде со одделни производи може да се тргува без плаќање на царински давачки“, пишува „Клајне цајтунг“.
Весникот пишува дека австрискиот министер искоментирал и дека 20 години по војната „раздорот меѓу етничките групи е огромен, државната каса е празна, а недостатокот на перспектива за иднината е огромен“.