Ули Хенес по Велигден во затвор
17 март 2014Државното обвинителство Минхен 2 се откажа од ревизија во случајот Хенес. Со ова пресудата, според која поранешниот врвен менаџер е осуден на три и пол години затвор поради затајување на данок, е правосилна. „Државното обвинителство Минхен 2 нема да поднесе ревизија во кривичната постапка против Улрих Хенес поради затајување на данок против пресудата на Покраинскиот суд Минхен 2 од 13.03.2014“, се вели во соопштението на обвинителството.
Хенес изминатиот четврток беше осуден на три и пол години затвор поради затајување на данок во висина од 28,5 милиони евра. Ваквата одлука била оправдана, ја појасни заменикот портпарол на Државното обвинителство Флоријан Гливицки одлуката за откажување од ревизија. „Државното обвинителство треба да преземе правни средства тогаш, кога казнената мерка очигледно не е во сооднос со вината. Тоа според наше гледиште не беше случај“.
Во случај една од страните да се одлучеше за ревизија, Врховниот суд во Карлсруе ќе требаше да го преиспита случајот и ќе мораше да донесе одлука. Под одредени околности случајот тогаш би бил повторно разгледан од друг совет на Покраинскиот суд. Постапката тогаш ќе траеше подолг период.
62 годишниот Ули Хенес уште изминатиот петок, по објавувањето на пресудата соошти дека ја прифаќа казната затвор. Истовремено Хенес поднесе оставка на сите негови функции во фудбалскиот клуб Бајерн Минхен.
Со оглед на тоа што и Државното обвинителство се откажа од ревизија, според проценките на Обвинителството, Хенес во рок од околу шест недели ќе треба да ја започне затворската казна. Се смета дека ќе бидат потребни четири недели за писменото образложение на судската пресуда, соопшти портпарол на правните власти. „Потоа ќе започнеме со спроведувањето“.
По правило потоа се потребни околу две ендели, додека осудениот треба да замине во затвор. Во случајот со Хенес тоа би било по Велигден. „Сѐ зависи од тоа колку брзо ќе ги добиеме актите“, нагласи портпаролот.
Ули Хенес казната затвор ќе ја издржува во затворот во Ландсберг на Лех заедно со околу 550 други затвореници.