Украина ја обвини Русија за убиство на новинарот Бабченко
30 мај 2018Рускиот новинар и писател, 41-годишниот Аркади Бабченко, кој живееше во егзил во Украина, вчера е убиен од непознати лица пред својот стан во Киев. Му било стрелано трипати со огнено оружје од зад грб на скалите, а починал уште во возилото на итната медицинска служба на пат кон болница.
Украинскиот премиер Вoлoдимир Хројсман ја обвини Москва за делото, со оглед што Бабченко беше критичар на руската власт: „Убеден сум дека руската тоталитаристичка машинерија не можеше да му ги прости искреноста и принципиелноста“, напиша тој на Фејсбук.Потрагата по убијците на Бабченко засега е безуспешна. Бабченко во 1990-те и 2000-те години како млад војник се борел во војната во Чеченија, пред да стане познат новинар. Во своите новинарски текстови Бабченко ја критикуваше руската анексија на Крим и прикриената руска војна во источна Украина. Тој ја напушти својата татковина зашто, според негови тврдења, стравувал за својот живот по своите најнови критики на руската политика во Сирија.
Убиството на Бабченко влегува во редот на цела редица нерасветлени убиства на руски дисиденти во Украина.
Москва пак демантира секаква вмешаност во крвавиот настан и обвинувањата ги смета за анти-руска кампања- стана трагична мода по вакви инциденти веднаш да се обвинува Русија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тоа се должи на тоа што „Украина ужива целосен имунитет од страна на своите западни заштитници“, рече Лавров.