1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Многу напор за мал напредок

Марсел Фирстенау / ЕМФ14 април 2015

Украинската криза е тема на средбата на министрите за надворешни работи на Г7 во Либек. Вчерашната петта берлинска средба на шефовите на дипломатии на Германија, Франција, Русија и Украина заврши со неодреден договор.

https://p.dw.com/p/1F7Qj
Фотографија: AFP/Getty Images/C. Bilan

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер пред новинарите се појави дури во раните утрински часови. Зад себе имаше четири часа „интензивна“ дискусија со своите колеги Павло Климкин (Украина), Сергеј Лавров (Русија) и Лорен Фабиус (Франција). Разговорот беше „делумно многу контроверзен“, изјави домаќинот Штајнмајер, додавајќи: „Во украинската криза ништо не е едноставно“.

Разликите во мислења меѓу Киев и Москва повторно станаа очигледни. Но, како што нагласи шефот на германската дипломатија, нема алтернатива за договорот од Минск, постигнат на средината од февруари. Мора да се преземат мерки за почитување на прекинот на огнот, кој во последно време повторно беше нарушуван. Министрите за надворешни работи од Берлин повикаа на преземање се‘ за запирање на повторно разгорените судири. Освен тоа, треба да се продолжи со повлекување на тешкото вооружување. Во тој дел дури е неопходно и проширување и излегување од рамките на првичниот договор од Минск, нагласи Штајнмајер. „Многу важно“, според него, е и продолжување со размената на заробеници. Целта е размена на сите заробеници.

Штајнмајер големи надежи полага во четирите работни групи кои би требало да се формираат. Притоа, во фокусот е хуманитарната помош за цивилното население која е „итно неопходна“. Неопходен е и напредок во економијата и инфраструктурата, а уште годинава би требало да се одржат и избори во источна Украина, додаде германскиот министер. Во работните групи би требало да седат претставници на Русија, Украина и на сепаратистите. На сите им е јасно дека „пред нас имаме уште долг пат“, нагласи Штајнмајер.

Контролорите на ОБСЕ ги критикуваат двете страни

Четиричасовните разговори во Берлин беа петта средба која се одржува на покана на шефот на германската дипломатија. Колку е тешко спроведувањето на договореното во Минск покажуваат и оценките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. ОБСЕ минатата недела побара да се стави крај на „заплашувањето“ на нејзините набљудувачи на истокот од Украина. Слободата на движење на околу 400 набљудувачи, како што се вели, им е ограничена како од страна на проруските сепаратисти, така и од страна на регуларните украински воени сили.

За кризата во Украина денеска и утре ќе се разговара и на средбата на министрите за надворешни работи на Групата 7 во Либек. Портпарол на германското министерство за надворешни работи изјави дека целта е постигнување „единствен, но и решителен став“ околу украинската криза. Волјата за постигнување заеднички трансатлантски став доаѓа до израз и преку учеството на средбата на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини.