Украина како поранешна Југославија
19 март 2014„Југославија во Студената војна беше земја меѓу блокови, кои благодарение на својата политика која ја водеше со двете страни – профитираше. Во земјите-наследнички со посебно внимание се следи растечкиот конфликт меѓу Русија и Западот. Но, не сите ги перцепираат случувањата на ист начин“, пишува „Ноје цирихер цајтунг“ (НЦЦ). Во текстот натаму се вели: „За Србија руската позиција е многу важна. Заедничката православна и историска улога на Русија како заштитничка сила е основа за ’специјални врски’. На тие врски уште поголема тежина им даде поддршката од Москва кога станува збор за косовското прашање. Претседателот Путин е почесен граѓанин во многу мали градови во Србија, а меѓу косовските Срби ужива улога на херој. Но, тоа што тој по Абхазија и Јужна Осетија ја призна и независноста на Крим возбуди многу Срби. Бидејќи сепаратистите на Крим го земаат токму Косово како пример за тоа што го прават. Сега некои се прашуваат - дали ќе следува признавање и на Косово од страна на Москва? Меѓутоа, рускиот амбасадор во Белград ги смири духовите зборувајќи дека нема да има промена на курсот на руската политика во однос на Косово“.
„Збогување со несаканата држава“
НЦЦ пишува дека никого не го изненадува тоа што чекорот на Путин буди амбиции и во Србија и во соседните земји. „Од Република Српска доаѓа очекуваното ceterum censeo (латински: сепак сметам) на претседателот Милорад Додик: Чекорот кој го направи Крим го јакне правото на самоопределување, па така и Србите во БиХ би морале сериозно да ја земат в предвид можноста да се збогуваат со несаканата држава“, го цитира НЦЦ Додик и напоменува дека Белград чудно замолкна. „А, официјалната политика не реагира на провокативните изјави од соседните земји“.
Весникот напоменува дека во Босна и Херцеговина не се гледа на кризата во Украина како на ситуацијата Косово-Србија, туку се повлекуваат паралели со распадот на Југославија. „Најавите на Путин дека ќе ги брани Русите надвор од земјата и со оружје потсетуваат на стремежите на Милошевиќ деловите од уништената Југославија, претежно населени со Срби, насилно да ги ’врати во татковината’. Така што, Путин во оваа улога изгледа како ученик на Милошевиќ. А, разликата е само во 20 години. Па, зарем Западот во овие 20 гидни не научи ништо? ЕУ, чии ѕвезди ниту на Балканот не сјаат толку силно, посебно на социјалните мрежи си го доби своето: Недостигот на одлучувачки сили и единство – како и за време на катастрофалниот распад на поранешна Југославија – осуетуваат енергичен напад“, пишува НЦЦ и заклучува дека Украина веќе долго време, како и Југославија во нејзините последни години, е поделена земја. Систематската споредба би можела да даде одговори на едно важно прашање – зарем овие понуди за интеграција во ЕУ не ја поттикнуваат внатрешната напнатост? И, нели е можеби симптоматично што ЕУ дури по распадот на Југославија можеше да ја преземе улогата на сила која работи на постигнување мир? Дали оваа понуда за Украина дојде во погрешен момент“, се прашува Андреас Ернс на крајот од текстот под наслов „Творец на поделби“.
Може ли да му се верува на Путин по анексијата на Крим?
Германскиот печат обрнува внимание на говорот на Путин. Весникот „Велт“ пишува: „Рускиот претседател потсети на повторното обединување на Германија, за јасно да стави до знаење што за него значи ’повторното припојување’ на Крим кон руското царство. Во ист момент се пресмета и со Никита Хрушчов, кој во 1954 година ѝ го подари Крим на тогашната Советска Република Украина. Ако нешто воопшто имаше позитивно во говорот на Путин, тогаш тоа беше тоа што тој не сака понатамошна поделба на Украина. Но, дали може во тоа да се верува, по анексијата на Крим“, прашува коментаторот на весникот „Велт“.
„Рускиот претседател не соопшти ништо изненадувачки“, пишува „Фолксштиме“ од Магдебург. „Анексијата на Крим веќе беше запечатена. Путин во добар дел посегнува по демагогија. Во исто време зборуваше за одземањето на Крим од Украина и за братството на двата народи. Утешително е што тој веројатно го задоволи својот територијален глад“, коментира „Фолксштиме“ од Магдебург.
„Путин го наведува одвојувањето на Косово од Србија како преседан. Формално рускиот претседател е во право. Во таа прилика е нарушен интегритетот на една земја, но тоа беше резултат на масовно насилство на државата над еден дел од населението. Во случајот на Крим не може да се зборува за тоа. Путин не сака уште една членка на НАТО во своја близина, а ниту членка на ЕУ. Тој сака да осигура зона во која има влијание“, пишува „Фраје пресе“ од Кемниц.