1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсени 80 Палестинци

ЖА/дпа/афп15 јуни 2014

Израелската армија го опколи јужниот дел од Западниот брег во потарагата по киднапираните ученици. Во регионот се испратени 2.000 војници. Премиерот Нетанјаху за инцидентот ги обвини Палестинците.

https://p.dw.com/p/1CIic
Фотографија: AFP/Getty Images

Израелската армија со полна пареа води потрага во јужниот дел од Западниот брег по исчезнатите израелски ученици. Војската приведе околу 80 Палестинци во воената акција чија цел е да се откријат тројца Израелци киднапирани во четвртокот, соопшти армијата. Меѓу уапсените се најбројни членови на радикално-исламскиот Хамас.

„Во напорите да бидат откриени киднапираните тројца израелски граѓани, беа уапсени речиси 80 Палестинци во воена операција“, се вели во соопштението.

„Израелската армија останува мобилизирана и ќе ги искористи сите средства со кои располага за да го реши тој случај“, изјави Петер Лернер, портпарол на израелската армија.

Тројцата Израелци, двајца 16-годишни и еден 19-годишен, според медиумите, последен пат биле видени во четвртокот вечерта во близина на еврејската населба Гуш Езион, која се наоѓа меѓу Хеброн и Ерусалим. Учениците од своите верски училишта во Западниот Брег биле на пат кон дома со автостоп.

Израелската армија го опколи Хеброн и околината за да спречи заложниците да бидат префрлени во Појасот Газа. Околу 2.000 израелски војници, преместени во регионот, ги прочешлуваат палестинските куќи и поставуваат блокади по патиштата.

Денеска продолжува потрагата во реонот на Хеброн за пронаоѓање на тројцата Израелци кои според премиерот Нетанјаху, биле киднапирани од „терористичка група“.

Нетанхају ја смета палестинската влада одговорна за безбедноста на киднапираните момчиња. Политичкото раководство на чело со Махмуд Абас мора да направи се‘, за грабнатите безбедно да се вратат дома, побара тој.

Израелската авијација ноќеска повторно бомбардираше повеќе цели во Појасот Газа. Претходно оттаму милитантните Палестинци истрелаа неколку ракети во правец на Израел.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун побара итно ослободување на трите момчињаи ја изрази својата солидарност со нивните семејства. Бан е загрижен од трендот во правец на насилство.