1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција соочена со поделба во општеството?

Сенада Соколу / Елизабета М. Фиданоска15 јуни 2013

Демонстрантите му се трн в око на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Тој со остри изјави се обидува да ги замолчи и да ги сврти своите приврзаници против нив. Веќе се зборува за поделба во турското општество.

https://p.dw.com/p/18qYs
Фотографија: AFP/Getty Images

Срцето на турското протестно движење повеќе од две недели се наоѓа во центарот на Истанбул. Во паркот Гези демонстрираат студенти, ученици, интелектуалци, накусо - западноориентираниот слој на општеството, кој се разбира себеси како мотор на движењето. Нивната критика, по насилните акции на полицијата, е насочена главно против авторитарниот стил на владеење на Ердоган.

Неговите изјави и говори беа причина на социјалните мрежи, но и на безброј фасади во Истанбул, да се прочита зборот „граѓанска војна“. И покрај апелот на Ердоган да заврши окупацијата на паркот, демонстрантите најавиja продолжување на акцијата. Приврзаниците на Ердоган, во меѓувреме, демонстрираат во Анкара. Кај многумина дури се шири чувство дека Ердоган сака да го подели народот - меѓу исламски конзерватизам и западна ориентација.

Впечатливи противречности

Во непосредна близина на паркот Гези живеат многу приврзаници на партијата на Ердоган, АКП. Во населбата Зејтинбурну се среќаваат многу жени со фереџе и мажи со бројаници. За разлика од паркот Гези, овде нерадо се кажува сопственото политичко мислење:

erdogan regierung türkei taksim istanbul ankara akp
Реџеп Таип Ердоган нема разбирање за демонстрантитеФотографија: AP

„Ердоган е најдобар. Не можеме да си претставиме никого друг“, вели срамежливо една жена со наведната глава за ДВ. „Кога се работи за политика, не кажувам ништо“, оценува еден маж. Поделба во општеството не гледа ниту приврзаникот на АКП, Окан Ездемир. „Ако погледнете наоколку, ќе видите дека не може да се препознае линија на поделба“, вели 28-годишникот за ДВ. Тоа е само фикс идеја на медиумите, оценува Ездемир.

Обид за поделба како стратегија

Во изминатите две недели Ердоган изразуваше претежно неразбирање и ги нарекуваше демонстрантите „отпадници“. Тој рече дека за протестното движење ширум земјата се одговорни „есктремисти“, на кои им се закани со кривично гонење. Своите приврзаници пак, премиерот ги прикажа во добро светло: „Вие се однесувавте достоинствено во текот на изминатите денови и покажавте здрав разум. Вие немавте тенџериња и тави в раце“, рече премиерот пред една недела во еден говор на истабулскиот аеродром, пред илјадници свои приврзаници. Удирањето во тенџериња на улиците и балконите стана симбол за протестите во Турција. Приврзаниците на Ердоган на својот премиер му одговорија гласно извикувајќи верски повици како „Ya Allah, Bismillah, Allahu Akbar“ или борбени повици како „Пушти не‘, ние ќе го уништиме протестот на Таксим“. Ердоган, на своите поддржувачи им укажуваше на нешта кои ја погаѓаат нивната верска чувствителност, како тоа дека демонстрантите на муслимански празник пиеле алкохол, а обвини и дека дел од жените ги симнале своите шамии.

Istanbul Proteste Taksim Platz 14.06.2013
Плоштадот Таксим е „срце“ на протеститеФотографија: Marco Longari/AFP/Getty Images

„Уште од почеток тоа беше негова стратегија. Тоа е обид на владата да го прикаже протестното движење како војна на културите, војна меѓу строгите верници муслимани и злите сили“, оценува за ДВ социологот и политиколог Јасар Аданали. Тој додава дека Ердоган ја инструменталириза религијата, ги обвинува демонстрантите дека не ги почитуваат верските симболи. „Но тоа во никој случај не е така. Демонстрантите се една многуслојна група“, нагласува 32-годишникот. Владата се обидува да воопшти одделни настани и нив да ги прикаже како типични за целото протестно движење, нагласува Аданали. „Ги прикажува како антирелигиозно и антимуслиманско движење, но составот на демонстрантите докажува дека тоа не исклучува нити еден општествен слој“, аргументира политикологот.

„Сите сме во ист чамец“

За една земја е важно да покаже единство, нагласува 42-годишниот Тургај Ѓулсен, сопственик на ресторанот Волтај во истанбуслкиот кварт Зејтинбурну. „Сите кои живеат во оваа земја ги гледам како браќа“, нагласува во разговор за ДВ приврзаникот на АКП. Сите седат во ист чамец и ако тој потоне, „тогаш ќе потонеме сите заедно“, вели Ѓулсен. Тој критикува пред се‘ поради тоа што се нанесуваат материјални штети од страна на демонстрантите. „Зошто палат автобуси и банкомати? Сето тоа сме го платиле од даноци“, критикува Ѓулсен, додавајќи дека секој има право да демонстрира, но не и да прави безредија и да предизвикува материјална штета.

Türkei Gezi Park
Протестите во паркот Гези продолжуваатФотографија: Getty Images

Сопственикот на ресторан го поддржува премиерот пред се‘ поради неговата „приземна харизма“ и неговиот економски успех. Ѓулсен 30 години живее во Истанбул и се сеќава на времињата кога немало вода во оваа метропола. „Тогаш бевме 10 милиони и имавме проблеми со водоснабдувањето. Сега сме речиси 20 милиони и немаме вакви проблеми“, ја фали Ѓулсен работата на премиерот. Тој оценува дека демократските односи во земјата не се „перфектни“, но подвлекува дека перфектно не е никаде во светот. Мешање на владата во приватната сфера на граѓаните, на што се жалат демонстрантите, и според Ѓулсен е „погрешно“. „Кој сака може да носи шамија, кој сака може да носи мини здолниште“, вели овој муслимански верник.

Протестите водат до единство, не до поделба

Во паркот Гези се собрани луѓе, кои не се собрале на едно место десет години, објаснува Зелиха Очак за ДВ. Оваа 26-годишна девојка оценува: „Луѓето овде не мислат дека ќе бидат поделени. Ердоган, меѓутоа, се обидува да ги подели луѓето. Единствен провокатор во оваа земја е Ердоган.“ Очак нагласува дека во паркот се и тоа како добредојдени и строги верници. „Му посакуваме добредојде секому“, вели таа. И Јилмаз, кој демонстрира во паркот, е на мислење дека во општеството нема поделба. „Ние сме сите исти“, потенцира 33-годишникот и додава дека омраза и бес се‘ уште не се чувствуваат.