1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Со солзавец против противниците на Ердоган

ЖА/дпа/афп/ртре1 јуни 2014

Плоштадот Таксим и паркот Гези денеска повторно се отворени по вчерашните судири на полицијата со демонстрантите на годишнината од протестите во Гези. Полицијата во Истанбул и Анкара употреби солзавец и водени топови.

https://p.dw.com/p/1CA6E
Фотографија: picture-alliance/AA

Без оглед на претходната закана од премиерот Реџеп Таип Ердоган, стотици демонстранти се собраа во Истанбул и Анкара синоќа за да ја одбележат првата годишнина од протестите во паркот Гези. Демонстрантите се собраа на улиците на двата најголеми турски града и покрај повиците на властите да не се организираат протести и најавата за употреба на сила. Полицијата употребила солзавец и водени топови против демонстрантите. Во Истанбул дојде до судири во близина на плоштадот Таксим. Паркот Гези пак уште од пладнето беше опколен од силни полициски сили. Според медиумите, вчера биле ангажирани околу 25 илјади полицајци и 50 водени топови. Според полицијата, таа привела околу 120 демонстранти, а четворица службеници се повредени.

Полицијата на кратко ги привела и дописникот од Турција на американската телевизија Си-Ен-Ен Интернешенел Ајван Вотсон и неговата екипа, додека во живо известувале од плоштадот Таксим, потврди новинарот.

До судири дојде и во Анкара, каде безбедносните сили се обидеа да растурат околу илјада учесницина протест, уапсени се над 50 лица. За помали инциденти се јавува и од други градови.

Türkei Jahrestag Gezi-Park Taksim-Platz 31.5.2014
Фотографија: picture-alliance/abaca

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган претходно ја критикуваше намерата да се организираат демонстрации за одбележување на првата годишнина од протестите во паркот Гези. Полицијата добила јасни наредби да не дозволи демонстранти на плоштадот Таксим во Истанбул, изјави Ердоган на еден собир. Тој ги повика граѓаните да не земаат учество на планираните протести.

„Нема да можете да отидете на тие места, како што можевте минатата година бидејќи полицијата доби безусловни наредби да не дозволи демонстранти“, рече Ердоган на церемонијата на отворање на општинска зграда во Истанбул.

„Тоа не е екопротест“, рече тој, обвинувајќи дека движењето на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен од САД, исто така, стои зад протестите.

Ердоган ја обвини и главната опозициска Републиканско народна партија дека ги поддржува протестите и се обидува преку насилство и вандализам да „ја покрие дупката во својата сопствена политика“.

На крајот на мај минатата година демонстрациите, првично организирани од екологисти, насочени против планираното сечење дрвја во паркот Гези кај плоштадот Таксим заради нов градежен проект, се претворија во масовни протести против владата низ целата земја. Турската полиција со сила се обиде да ги задуши, при што загинаа седум луѓе, а илјадници беа повредени. Во меѓувреме, во Гези и на плоштадот Таксим сезабранети политички собири.