Турција: Со солзавец против огорчените демонстранти
17 мај 2014Додека во рудникот во Сома во кој се случи несреќата сѐ уште се извлекуваат мртвите тела за настраданите рудари, во градот се шират протестите. Вчера дојде до жестоки судири меѓу повеќе илјади демонстранти и полицијата. Очевидци сведочат дека полицијата покрај солзавец и водени топови, употребила и гумени куршуми против луѓето. Демонстрантите бараа оставка на владата, која ја обвинуваат за спречување построги контроли во рудникот, што премиерот Реџеп Таип Ердоган најодлучно го отфрла.
За дополнително вжештување на незадоволството се погрижија две видеа објавени на интернет. На едното се наоѓа наводно премиерот како му удира шлаканица на човек што го држат пред него. Снимката е меѓутоа толку нејасна, што тешко може да се каже што прави всушност Ердоган. Второ видео се појави веќе претходно, на него се сгледа како советникот на Ердоган клоца демонстрант легнат на земја, кого го држат двајца полицајци.
Нов пожар во Сома
Денеска нов пожар во рудникот ги спречи спасувачките екипи во Сома во потрагата по последните рудари кои се водат како исчезнати. Се прават напори пожарот што побргу да се стави под контрола, соопшти министерот за енергетика Танер Јилдиз. Бројот на загинати рудари достигна до 302, а осум лица се сметаа за исчезнати, но сега Јилдиз тврди дека се тројца.
Во моментот на несреќата во вторникот во рудникот за јаглен, според управата, биле 787 рудари. Поради пожар снемало електрична струја, па престанале да функционираат осветлението и рударските вагони, поради што многумина рудари се задушиле. Точната причина за досега најголемата рударска несреќа во Турција уште не е позната.