1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слобода на медиуми на турски начин

З. Јордановски/дицајт/тац/зц29 октомври 2015

Спроти парламентарните избори в недела претседателот на Турција со насилни мерки ги замолчува критичките медиуми. Таму отсекогаш било тешко да се прави добро новинарство, но никогаш не толку, колку денес.

https://p.dw.com/p/1GwVX
Фотографија: Reuters/M. Sezer

„Државната власт во Турција веќе не се ни обидува да го прикрива своето брутално постапување против печатот“, констатира „Зиддојче Цајтунг“ во коментарот по повод насилното навлегување во просториите на телевизијата Бугун. „Цел свет можеше да види, камерите беа вклучени во живо: полицајците со моторни пили си отворија пристап, употребија и гас-солзавец“. Сомничењето за „поддршка на теророт“ е оружје на правосудството „за секаква намена“, со кое се замолчуваат противниците на владата. „Владата на АКП и оној што ја управува, претседателот Реџеп Тајип Ердоган, со еден удар убиваат две муви: исклучуваат уште една медиумска куќа која им се препречува на патот на нивните аспирации за власт, а му нанесуваат удар и на движењето на Ѓулен (исламски проповедник кој живее во САД, некогашен соборец на Ердоган, а сегашен лут непријател - н.з.), на кое му е наклонет Коза Ипек (концернот на кој му припаѓат сега затворените телевизии Бугун и Каналтурк - н.з.). (...) Рацијата непосредно пред парламентарните избори сигнализира: никој, кој е против мене, не може да се чувствува сигурен.

Демонстрацијата на сила ја покажува нервозата на властодршците. Токму се рони она што ја направи силна АКП: ветувањето за благосостојба, изгледите за стабилност. (...) Кампањата против критичките медиуми станува се’ понезауздана. Таа мириса на очај“, коментира „Зиддојче Цајтунг“.

Известувањето е терор

„Откако Ердоган и неговата партија АКП во јуни годинава го загубија апсолутното мнозинство и сега на изборите в недела сакаат повторно да го освојат, одбивноста на претседателот спрема критичките медиуми прерасна речиси во хистерија“, коментира „тац. ди тагесцајтунг“. „Независното новинарство тие го сметаат за ароганција, ако не и за ’предавство на татковината‘ или пропаганда за терористичка организација. Така беше образложен и нападот врз медиумската куќа на холдингот Ипек. (...) Но, тоа не е се’. Ердоган не само што затвора новинари, туку се обидува да ги заплаши или да ги криминализира и сопствениците на медиумски групи. И онака, освен неколку мали левичарски весници, има само уште две релевантни медиумски групи, кои Ердоган новинарски го напаѓаат. (...) Против обете Ердоган со месеци постапува со сите средства, вклучително и смртни закани. Затоа неделните избори решаваат и дали во Турција уште ќе е можно критичко новинарство. Ако победи Ердоган, слободниот печат во Турција ќе биде историја“, заклучува „тац. ди тагесцајтунг“.

Крај на емитување по „турски рецепт“

Türkei Polizei stürmt regierungskritischen Fernsehsender
Фотографија: Reuters/M. Sezer

„Ди Велт“ им посветува на настаните во Турција поголем прилог и коментар.

Во прилогот, за да се илустрира кон каков медиумски амбиент се стреми АКП, е наведено дека во првите 25 дена од овој месец државната радио телевизија ТРТ на претседателот Ердоган му посветила 29 часа програма, на премиерот Давутоглу и на други политичари на исламистичката партија АКП заедно вкупно 30 часови, на опозиционата социјалдемократска партија ЦХП 5 часа, на ултранационалистичката МХП 1 час и десет минути, а на левичарско-прокурдската партија ХДП само 18 минути. Земени предвид 12 телевизиски станици, вклучително ТРТ, владејачките добиле простор од 376 часови, а опозицијата 63 часа. Податоците потекнуваат од член на надзорниот орган за радио и телевизија.

„Планираната експропријација на Коза Ипек повторно покажува дека не АКП, ами Ердоган лично е на пат да инсталира авторитарен режим“, коментира „Ди Велт“. „Но, и парламентарната опозиција му ја олеснува работата: без одбивањето на националистичката МХП да дише дури и ист воздух со прокурдската ХДП, не би ни дошло до неделните нови избори. Во средата сепак водечките политичари од сите три опозициони партии ги посетија просториите на притиснатата редакција. Еден мал знак.

Но, турската демократија има потреба и од поддршка од Европа. Германската влада би требала добро да размисли дали сака да го придобива и поддржува овој режим во замена за негова соработка. Со тоа таа ги изигрува сите критички новинари и опозиционото граѓанско општество, кое уште го има во Турција. Тие луѓе уште се борат за демократија во земјата. Ако Ердоган напредува по патот по кој тргна, многумина од нив ќе појдат во потрага по живот во слобода на друго место“, предупредува „Ди Велт“.