Турција - доверлив партнер на Западот
7 декември 2014„Исламската држава е една од најголемите опасности кои им се заканувале на Блискиот Исток и на Европа во изминатите години“. Оваа реченица ќе ја потпишат повеќето претставници на западните влади. Реченицата ја кажа Хусеин Карслиоглу во неговиот поздравен говор на Берлинската конференција за безбедност. Карслиоглу е амбасадор на Турција во Германија. Од оваа функција тој е гласноговорник на турската влада во Германија. Не секогаш лесна работа: Политички во Германија се критикува навидум неодлучната улога на Турција во борбата против Исламската држава, нивното тактизирање кон Курдите и автократското однесување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Токму во изминатите месеци честопати имаше сомнеж дали турската влада е лојална кон своите западни сојузници.
Оваа година Турција беше земја-партнер на Берлинската конфереција за безбедност што се одржа неодамна во германскиот главен град. Конференцијата се одржува секоја година и претставува лоби-манифестација за војската и претпријатијата кои се занимаваат со вооружување.
Турција од 1952 година припаѓа на НАТО и е една од првите земји членки на воениот сојуз. Германија на сојузот му пристапи три години подоцна. Со скоро 720.000 војници Турција по САД има втори по големина трупи во рамките на НАТО. Турција денес како земја партнер во воената мисија на Европската унија во Босна го има вториот по бројност контингент војници. Турските војници се бореа на страната на Алијансата предводена од САД во Авганистан и во Ирак и земјата учествува во западните воени мисии во Африка.
На почетокот на октомври годинава турскиот парламент одобри турските трупи да навлезат во Ирак и во Сирија. Земјата е единствена членка на НАТО која директно се граничи со областите окупирани од милициите на ИД. Заканата е голема и ситуацијата во Турција е затегната со месеци. Турските тенкови подготвени да отворат оган стојат во непосредна близина на завојуваниот град Кобане на сириската страна на границата. На берлинската безбедносна конференција на турските претставници им беше важно да ја покажат улогата на земјата во борба против Исламската држава.
Досега Турција прифати речиси два милиони сириски бегалци и за тоа издвои преку четири милијарди американски долари. И покај критиките дека земјата се оддалечува од Западот, во 2014 година една работа стана сосема јасна: во неколку конфликти во светот Турција цврсто стои на страната на западните партнери, вели Хусеин Карслиоглу. Имено, земјата не се ориенитра само воено кон западните партнери. Турскиот амабсадор подвлекува дека како надворешно политичка максима и натаму важи целта- членство на Турција во Европската унија.