1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција ги обвинува Курдите за нападот во Истанбул

БГ
11 декември 2016

Турските власти сметаат дека курдски милитанти се одговорни за двата вчерашни бомбашки напади во кои загинаа 29 лица, а повеќе од 166 се повредени.

https://p.dw.com/p/2U5w7
Türkei Explosion in Istanbul
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

Координираните напади се случија во саботата вечер- автомобил бомба експлодираше пред Водафон арената каде игра фудбалскиот клуб Бешикташ, а потоа следуваше и самоубиствен бомбашки напад во блискиот парк. Никој досега не ја презеде одговорност, но заменикот премиер Нуман Куртулмус вели дека првичните сознанија упатуваат кон забранетата Курдска Работничка партија (ПКК), која веќе три децении води герилска војна против турските безбедносни сили. Досега се уапсени 10 лица, осомничени дека учествувале во нападот.

Во земјата е прогласен ден на жалост а државните знамиња се веат на половина копје. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го откажа планираното патување во Казахстан. Ердоган оцени дека се работи за терористички напад врз полицијата и граѓаните. Тој вели дека целта на нападот, кој се случи два часа по завршувањето на фудбалскиот натпревар, била да се предизвикаат максимум човечки жртви.

Türkei Explosion in Istanbul
Властите велат дека целта на двете бомби биле полициските сили кои го обезбедувале стадионот.Фотографија: Reuters/M. Sezer

Властите велат дека целта на двете бомби биле полициските сили кои го обезбедувале стадионот. Двајца од загинатите се цивили, додека 27 се припадници на полициските сили, меѓу нив и шефот на полицијата. Од стотината повредени, 17 се оперираат, додека шестмина се на интензивна нега.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го осуди „ужасниот акт на терор“, додека бројни европски лидери испратија пораки на солидарност. Ова е прв голем терористички напад по неуспешниот обид за пуч во земјата во кој загинаа повеќе од 240 луѓе.