Турците во Германија не ги испуштаат од вид протестите во Турција
7 јуни 2013И покрај најмасовните протести одржани во време на неговиот мандат, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган сепак одлучи да ја напушти земјата и неколку дена оваа недела беше во официјална посета на неколку северноафрикански земји. Развојот на настаните во Турција тој го следеше од далечина, како што го следат и многу Турци кои живеат во Германија. Берин Албек, која живее во Берлин, постојано е на телефон со пријателите и роднините во Турција.
„Во текот на денот одат на работа, а во ноќта им се приклучуваат на демонстрантите“, раскажува Алпек, додавајќи дека го разбира гневот на луѓето. „Тие излегуваат на улица за слобода и за своите демократски права. Луѓето во Турција се чувствуваат дека се следени и ограничени“, додава оваа Турчинка.
Турските медиуми се добар пример, вели Уфук Јалтиракли, кој често ги гледа турските телевизиски канали во Берлин. Најпрво протестите воопшто не беа споменувани, вели тој. Стравувајќи од државни ограничувања, дифузерите очигледно се цензурираа самите себеси.
„Додека американскиот информативен канал Си-Ен-Ен имаше извештаи за протестите, турскиот Си-Ен-Ен емитуваше документарни филмови за животни“, вели Јалтиракли.
Слобода на изразување
Кенан Колат беше во Истанбул кога протестите еруптираа. Шефот на Турската заедница во Германија, со седиште во Берлин, за Дојче веле изјави дека видел десетици илјади луѓе како маршираат на мирни демонстрации, „многумина од нив за првпат во нивниот живот“. Сите излегоа на улиците, а не само некои вообичаени фракции, вели тој и нагласува дека тоа го прави протестот посебен.
Протестите во Истанбул него го потсетија на германските протести против железничкиот и урбанистички проект „Штутгарт 21“, вели Колат. Двата протести се насочени против градежни планови. Протестот во Турција е поради плановите да се исечат дрвјата во истанбулскиот парк Гези на плоштадот Таксим, за на тоа место да се изградат бараки од отоманско време, кои некогаш таму постоеле, но кои сега треба да служат како кафетерии, музеи и можеби како трговски центар. Во меѓувреме протестите се насочија против Ердоган и неговиот, според се’, авторитарен стил на владеење. Демонстрантите го обвинуваат премиерот дека наметнува конзервативни исламски вредности во целата земја. Еден од примерите за тоа е новиот рестриктивен закон со кој се регулира продажбата на алкохол.
Пуштање глас против насилството
Колат, кој на своја кожа го почувствувал одговорот на вооружената полиција, ја осудува употребата на солзавец и водени топови за растурање на демонстрантите.
„Јас не можев да дишам. И јас бев погоден со солзавец“, вели Колат. Неговиот заменик Хилми Каја бил повреден од патрон од пиштол за солзавец“. Колат ја повика ЕУ и германската влада да најдат „вистински зборови“ за Ердоган. Тој смета дека не е доволно што турскиот вицепремиер Булент Аринч им се извини на повредените и бара полициските службеници одговорни за насилствата да бидат казнети. Колат заклучува дека тоа е единствениот начин да се најде заеднички јазик меѓу двете страни во конфликтот.
И шефот на Турската заедница од градот Берлин, Бекир Јилмаз, е загрижен поради насилството, но се сомнева дека протестите се поттикнати од опозициски групи со цел соборување на владата, која на последните избори освои повеќе од 50 проценти.
„Тие можат да ја напаѓаат владата со демократски средства, но тие сега заземаат поинаков пристап“, вели тој, додавајќи дека овие групи ја користат предноста на протестот што започна мирно. Тој смета дека луѓето мораат да признаат оти владата на Ердоган ја разви земјата во последните десет години и дека мнозинството од Турците стојат зад него.
Сепак, тој не се согласува со одговорот од страна на Ердоган на протестите. Турскиот премиер ги отфрли барањата на демонстрантите и инсистира дека странски сили стојат зад протестите. „Дури и со 50 проценти од гласовите, политичарот мора внимателно да слуша различни групи за да осигура дека секој коегзистира во мир“, нагласува Јилмаз.
Во меѓувреме, премиерот Ердоган, пред да ја заврши својата турнеја по африканските земји, од Мароко порача дека ситуацијата во Турција се чини дека се смирува. Но, протестите продолжуваат и иако полицијата во голем дел се повлече од Истанбул, во други градови таа се’ уште зазема тврда позиција.