Турските демонстранти повторно во судир со полицијата
14 јули 2013Повеќе илјадници противници на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган вчеравечер (13.07.) се собраа во истанбулската населба Галатасарај на протестна манифестација. Тие демонстрираа против апсењето на познати активисти. Кога еден дел од демонстрантите сакаше да се придвижи кон плоштадот Таксим полицијата презема акција со солзавец, водени топови и гумени куршуми. Во судирите има повеќе повредени и уапсени.
Исто така во југоисточна Анатолија, во Хатај и во главниот град Анкара силите за безбедност ги растураа демонстрациите со водени топови и солзавец. Преку интернет блогерите повикуваа да се испратат лекари во Кугулу паркот во Анкара. Само тамо имало околу сто повредени демонстранти.
Обвинувања за злоупотреби од полицијата
Уапсените активисти по нивното ослободување велат дека полицијата вршела злоупотреба. Претседателката на истанбулската архитектонска комора Муцела Јапичи во петокот на прес-конференција соопшти дека таа во истражниот затвор подлежела на понижувачка провертка на нејзиното тело. Освен тоа таа била дијабетичар, а полицијата дури по повеќе часови и’ ги вратила нејзините лекови.
Со недели плоштадот Таксим е центар на протестите против конзервативно-исламистичката влада на Ердоган. Протестите беа предизвикани од плановите за изградба на објект во паркот Гези. Премиерот Ердоган со насилство се обидува да ги стави под контрола демонстрациите кои се оддржуваат не само во Истанбул, туку и во други градови на Турција.