1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турскиот премиер тврди: ситуацијата е сосема под контрола

ЕМФ/афп/ртр/дпа16 јули 2016

Турската влада, според сопствени наводи, ја има ситуацијата во земјата целосно под контрола. Премиерот Јилдирим го стави во дискусија прашањето за враќање на смртната казна.

https://p.dw.com/p/1JPzj
Фотографија: Reuters

Командантите на владините сили имаат сѐ под контрола, изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим во Анкара. Обидот за пуч на дел од армијата тој го нарече „срамна дамка за турската демократија“. Според Јилдирим, нацијата им го дала најдобриот можен одговор „на терористите“. Премиерот оцени дека во безбедносните сили на Турција има „паралелни структури“, од кои произлегол обидот за пуч. Припадниците на оваа група во меѓувреме се во рацете на правосудството и ќе добијат казна каква што заслужуваат, нагласи Јилдирим. Тој денеска потенцираше и дека смртна казна не е предвидена со турскиот устав, но Турција ќе размисли за промени на законот за да се осигура дека веќе нема да се повтори обид за пуч.

Неколку стотици мртви, повеќе илјади уапсени

Инаку, во текот на обидот за пуч во Турција загинаа повеќе од 260 лица, а повредени се над 1440. Повеќе од 2800 припадници на турската армија се уапсени како пучисти. Меѓу нив има и високи по ранг офицери, како и обични војници. Апсењата се сѐ уште во тек.

„Внук ми загина за ништо“

Претседателот Реџеп Таип Ердоган од населението побара да остане будно. Во куса порака на Твитер тој предупреди дека мора да се смета со „повторно разгорување“ на бунтот. Во текот на изминатата ноќ во поголемите градови на државата илјадници луѓе протестираа против обидот за пуч. На еден од двата делумно блокирани мостови на Босфор во Истанбул војниците отвориле оган против приврзаниците на владата кои ноќеска демонстрираа на отворено. Војниците пукале врз приврзаниците на власта и на плоштадот Таксим, јави АФП. Во центарот на Анкара во текот на ноќта се слушаа големи експлозии и истрели, додека над градот кружеа воени авиони и хеликоптери. Медиумите јавија дека парламентот бил нападнат од воздух. Премиерот Јилдирим на безбедносните сили верни на владата им нареди да ги соборат авионите и хеликоптерите кои се во раце на пучистите.

Türkei Istanbul Panzer rollt über Autos
Фотографија: picture-alliance/dpa/T.Bozoglu

Изутринава во Анкаа и Истанбул сѐ уште се слушаа одделни пуктоници. Претседателот Ердоган во моментов е во Истанбул. Тој го прекина својот одмор на Средоземјето и слета на аеродромот Ататурк во Истанбул, каде беше пречекан од своите приврзаници. Ердоган ги обвини пучистите дека непосредно по неговото заминување од хотелот во Мармарис го бомбаридрале објектот.

Светот следи внимателно што се случува

Обидот за пуч беше осуден ширум светот. Американскиот претседател Барак Обама побара завршување на крвопролевањето. Германската влада ги повика сите страни да ги почитуваат демократските институции на Турција и да го почитуваат уставниот поредок. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер свика кризен штаб. Загриженост поради состојбата во Турција изрази и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Конфликтот во Турција претставува ризик за „меѓународната и регионалната стабилност“, подвлече тој.