Турски мост меѓу Србија и БиХ
25 април 2010Претседателот на Србија Борис Тадиќ во Истанбул изјави дека „Србија нема да направи ниту еден чекор во правец на дестабилизација на БиХ, кој би ги довел во прашање границите и интегритетот на земјата.“ Претседателот на Претседателството на БиХ Харис Силајџиќ позитивно реагираше на зборовите на Тадиќ. „Ова внесува мир и спокој во нашите срца“ рече тој. „Ако имаме добри намери и ако се почитуваме меѓусебно сигурно дека ќе имаме успех“, дополни Силајџиќ. Двајцата политичари за првпат разменија мислења за отворените проблеми кои ги оптоваруваат односите меѓу двете земји.
Потписниците на Декларацијата од Истанбул се договорија дека регионалната политика отсега ќе мора да почива врз гарантирање на безбедноста, постојан политички дијалог и зачувување на мултиетничките, мултикултурните и мултирелигиските особености.
Во Истанбулската декларација се наведува дека членовите на претседателството на БиХ, Силјаџиќ, Радмановиќ и Комшиќ наскоро ќе го посетат Белград, додека Тадиќ и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ќе ја посетат Сребреница на 15 годишнината од страдањето на Бошњаците во тој град.
Добра вест - оценуваат експертите
Претседателот на Партијата на демократска акција во БиХ Сулејман Тихиќ позитивно го оцени тоа што Тадиќ и Ердоган ќе присуствуваат на 15 годишнината од Сребреница. Средбата во Истанбул „со сигурност придонесува за унапредување на односите меѓу двете земји, кои веќе подолго време се во застој,“ оцени Тихиќ подвлекувајќи дека трилатералната средба е добра основа за натамошни конкретни договори меѓу Србија и Босна и Херцеговина.
Соред зборовите на белградскиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ трилатералната средба претставува своевиден политички поен за Турција како регионална земја и добар партнер кој успеа да изгради „мост“ меѓу Србите и Бошњаците. „Декларацијата е добар потег за потенцијалните европски интеграции, зошто сигурно не може да се очекува приближување кон Брисел, со редица отворени прашања, посебно меѓу Србија и Босна и Херцеговина, чии односи во последно време имаа значителни подеми и падови“, истакна Станковиќ. Тој подвлече и дека договорот во Истанбул покажува оти нема да има никакви наметнувања без договор на трите народи кои живеат во Босна и Херцеговина, кога станува збор за редефинирање на Уставот во БиХ.
Автор: АТ/ТТ/бета/фена/дпа
Редактор: Трајче Тосев