Турската „тивка револуција“
18 септември 2013Провладините весници „Јени Сафак“ и „Сабах“ веќе ја нарекоа реформската програма „Втора тивка револуција“. Планот на владата е да ги прошири верските слободи, слободата на изразување и да ги засили правата на малцинствата како Курдите, Алевитите и другите немуслимански малцинства.
„Нашата план е да продолжат големите демократски реформи кои беа изведени во последната декада“, вели турскиот вицепремиер Бесир Аталај.
Фразата „Втората тивка револуција“ се однесува на книгата „Тивката револуција“ која неодамна беше објавена од секретаријатот за јавен мир и безбедност, кој е дел од турското министерство за внатрешни работи. Во неа, конзервативната- исламска Партија на правдата и развојот ја нарече политичката трансформација на Турција од доаѓањето на власт на АКП во 2002. година, „тивка револуција“.
Курдското прашање
Новиот реформски пакет е пред сѐ насочен кон ставање крај на тридеценискиот турско-курдски конфликт кој досега однесе околу 40 илјади животи, олабавување на анти-терористичкиот закон, легализацијата на употребата на курдскиот јазик и понуда на јавни сервиси на курдски. Но, курдските претставници во парламентот не се големи оптимисти кога е во прашање овој пакет.
„Нашата партија поднесе план од 25 точки за решение, но досега не видовме ветувачки одговор од владата“, вели Хасип Каплан од про-курдската БДП партија.
Камен на сопнување останува и високиот цензус за влез во парламентот. Владата и натаму инсистира на задржување на минимумот од 10 проценти освоени гласови за влез во законодавниот дом. АКП директно профитира од ова правило, додека курдските претставници мораат да се кандидираат како независни пратеници.
„Целта на овој реформски пакет е да ги ублажи критиките од ЕУ во следниот извештај за 2013. година“, смета Каплан.
Тој извештај треба да одреди дали Турција ќе може повторно да ги отвори преговорите со ЕУ. Но, има и оптимистички погледи на реформите.
„Тоа ќе биде напредок за Турција кон подобра демократија“, вели Бахадир Калеагаси, координатор на влијателната Асоцијација на турските индустријалци и бизнисмени со седиште во Брисел.
„Сите граѓани и сегменти на турското општество треба да почуствуваат дека, со овој демократски пакет, ќе имаат повеќе слобода, демократија и подобра Турција“, вели Калеагаси, според кого, пакетот треба да биде инклузивен и целосен.
Што очекува ЕУ?
Еден од очекуваните чекори е и отстранувањето на забраната за носење на исламски прекривки за жените во јавните служби, со што владата сака да му се додвори на конзервативниот електорат во пресрет на локалните и претседателските избори следната година.
Зголемувањето на правата на Алевитите, е исто така дел од планот. Нивниот религиозен центар Цемеви ќе добие легален статус. Повторното отворање на грчкиот православен конак на еден остров во близина на Истанбул, е уште еден од чекорите во истата насока.
ЕУ очекува од Турција напредок во четири полиња, вели Калеагаси: независност на судството, основни права и слободи, курдското прашање и слободата на медиумите. Иако Турција, според Калеагаси, покажува помалку ентузијазам за ЕУ по блокирањето на преговорите во 2007., сепак ЕУ може да одигра поконструктивна улога во подобрувањето на демократските стандарди во земјата.
„Во интерес на ЕУ е Турција да биде држава со напредната демократија. Тоа е и во интерес на европските граѓани“, заклучува Калеагаси.