1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турската демократија легната в гроб

Даниел Хајнрих/превод:БГ12 октомври 2015

Ужасниот напад врз демонстрации во Анкара со речиси 100 жртви се случи во систем кој е разорен од борбата за власт. А жртви се сите граѓани на Турција, коментира Даниел Хајнрих

https://p.dw.com/p/1GmVt
Фотографија: Getty Images/G. Tan

Тешки се за гледање ужасните слики од Турција. Снимките од нападот во Анкара кружат на социјалните мрежи и „благодарение“ на нив многумина ги видоа свирепите детали од атентатот кој го потресе турскиот главен град. Со тоа е загарантирано вниманието на светската јавност, што пак ги засилува последиците од нападот. Во Турција е во тек предизборбата битка, а за жал тој поим пречесто погрешно се сфаќа во таа земја.
Овој напад беше најлош облик на „ayıp“, туски збор кој значи „срам“. Тој е срам за сторителите, за нивните помошници, за оние кои тој чин притаено го оправдуваат. И за сите политичари кои од тоа се обидуваат да извлечат корист. Бидејќи тие се многу на број.
На крајот, тоа е срам и за целата политичка култура на Турција. Бидејќи овој напад, колку и да е тешко да се разбере, е последица токму на затруената политичка култура во која многу нешта ја минаа секоја граница на либерални и демократски начела.
Па така, претседателот Реџеп Таип Ердоган постојано го крши Уставот вплеткувајќи се во изборна борба. Се планира и кривичен прогон против челникот на прокурдската партија на Салахатин Демирташ, од целосно нејасни причини. Од друга страна, ни Демирташ не се вклопува во сликата на борец за слобода и тоа поради неговата блискост со Абдула Очалан, затворениот челник на забранетата ПКК.

Демократијата е мртва

Ни останатите од турскиот политички живот не се подобри: на најголемата опозициска партија, кемалистичката ЦХП не и паѓа на ум ништо подобро од тоа одвреме- навреме да го обвинува Ердоган дека е диктатор. Тука е и премиерот Ахмет Давутоглу од АКП, но од него не се слуша ништо. А националистите од МХП веќе со години секојдневно повторуваат дека „Турција е загрозена од странски сили“. Зад таквите фрази нема никаква содржина.
Да не се сфати погрешно: ни политичката бескрупулозност, ниту злоупотребата на власта не можат да бидат толку ужасни како смртта на речиси 100 луѓе. Но денешната тага поради жртвите треба да биде и тага дека нападот само ќе го зајакне сиот тој судир и догматскиот став „ние против целиот свет“. А со тоа ќе го оддалечи вниманието од вистинските, структурни проблеми на Турција.
Економијата е во пад, беснее судирот со Курдите, а иако Турција многу помогна со приемот на два милиони бегалци од Сирија, за нив не постои никаков проект на интеграција или вклучување во општеството.
По човечките животи, најголемата жртва на овие напади нема да се види во статистиките. Таа жртва е апстрактна и не може да се види или сфати како губење на нечиј живот. Но со ова, во гроб легнува и турската демократија, а настојува со себе да ги повлече и сите оние кои во Турција се уште тежнеат кон начелата на граѓанското општество.

Daniel Heinrich Kommentarbild App PROVISORISCH
Даниел Хајнрих

Сеедно кој е сторителот

Турското општество со децении се поларизира и со овој напад и со предизборната борба уште повеќе ќе се подели. Не изненадува тоа што веднаш по нападот повторно започна играта на меѓусебни обвинувања. Наместо да се истражи причината за нападот, се нафрлаат обвинувања кон политичките противници.
Но, всушност е сеедно кој го извршил нападот: Исламска држава, ПКК, радикалните комунисти, националистите или било кој. Никаква анализа, коментар, извештај, експертски комисии нема да им помогнат на мајките, браќата и сестри, роднините и пријателите на жртвите. Тие тагуваат. Тагуваат за своите најблиски кои станаа жртви на сурово насилство.
Сите кои некаде од далеку знаеле дека нападот ќе биде извршен, оние кои учествувале или се обидувале од него да извлечат корист треба да бидат казнети. А Турција покажа дека има жустро обвинителство.
Ова не е критика на Турција или на турскиот народ. Ова е критика на корумпираниот систем кој е нагризен од борбата за власт и кој се вгнезди врз грбот на граѓаните. Граѓаните на Турција станаа жртви на бесмислена политичка култура во која не се работи за вера, ислам или ПКК, туку само исклучиво за власт. А за претставниците на оваа политика, без разлика на нивниот политички профил, секое средство ја оправдува целта.